Линкови за пристапност

Македонците се селат во САД за поквалитетен живот, а не за печалба


И Македонците во Мајами во исчекување на најголемиот спортски настан на годината – Супербол
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:11 0:00

Во Флорида живеат околу пет илјади Македонци, кои според Обединетата македонска дијаспора се добро интегрирани во американското општество

Мајами наголемо се подготвува за најголемиот спортски настан во САД, Супербол 54.

Хард Рок стадионот во недела ќе биде претесен за сите кои ќе сакаат да го проследат натпреварот помеѓу Канзас Сити и Сан Франциско. Но затоа, насекаде низ градот, а особено на плажите, се поставуваат огромни екрани така што сите ќе можат да го следат големото спортско соочување.

Во ваква атмосфера го посетивме ресторанот „Ракија Лаунџ“ во Мајами каде се собираат луѓе од балканските држави.

„Се очекуваат милиони туристи. Има концерти од „Ганс анд Роузес“ до „Марун Фајв“... Тоа а најгледаниот спортски настан во светот, повеќе и од Лига на шампиони. На полувреме ќе настапат Шакира и Џенифер Лопез, така што градот ќе биде полн со ѕвезди, гламур...“, вели Мишко Јосифов, Претседател на Обединетата македонска дијаспора за Флорида.

Лоциран на Атланскиот брег, Мајами како меѓународен финансиски и културен центар, пулсира 24 часа. Тука е најголемата концентрација на меѓународни банки во САД, како и седиштето на 1400 мултинационални компании. Форбс во 2008 година го прогласи Мајами за најчист град во САД. Мајами Бич е дом на најголемата колекција на Арт Деко архитектура во светот.

Туризмот е локомотива на економијата. Просечната годишна температура е 24 степени. Забава има за секого - некои се релаксираат на плажите, а други во рестораните и дискотеките... Како што наближува Супербол - атмосферата ќе биде се пожешка.

Но овој сончев и економски развиен регион е атрактивна дестинација и за Македонците. Најголем дел од иселениците во Мајами се од Скопје. Дел од Кавадарци, Радовиш, Струмица, не многу од Битола и Прилеп, вели Јосифов.

Марија Бањац, родум од Кавадарци, раководи со ресторанот „Ракија Лаунџ“.

„Долго време работев на „Карнивал Крузлајн“, добри 15 години. Бев главен менаџер. Тоа искуство ми помогна да го раководам „Ракија Лаунџ“ – невообичаено место за Мајами, кое ги соединува сите балкански луѓе,“ вели таа.

„Ракија Лаунџ“ е Балкан во мало. Прво го забележувате знамето на СФРЈ, а потоа и легендарното „Фиќо“ кое гордо се вози по улиците на Мајами низ мноштвото луксузни автомобили. Со балканска музика се служи балканска храна – ќебапи, колбаси, ајвар, македонско вино...

И Милка Стојановска од Велес работела на брод. Од пред една година живее во Мајами.

„Работев како менаџер во стоковна куќа во Велес, но за жал стандардот и условите во Македонија некогаш не тераат да излеземе и да ја побараме среќата надвор. Колку и да работиш таму, не можеш да ги задоволиш секојдневните потреби. Имам два сина. Како самохрана мајка не можев да опстојам со минимални примања. Работев неколку години на брод и така после тоа завршивме овде во срцето на Мајами,“ вели Стојановска.

Опкружена со луѓе од Балканот Милка вели дека овде се чувствува како дома...

Ваквата атмосфера е магнет за туристите.

Традиционалното печалбарство исчезнува. Порано животот бил сведен на работа. Сега Македонците во САД се социјализирани во општеството, работат во Влада, во американските институции, инволвирани се во економијата.
Мишко Јосифов, Претседател на ОМД за Флорида


Над 5000 Македонци живеат и работат во Флорида. Но, за разлика од минатото, сега Македонците не се селат во САД за печалба, туку за поквалитетен живот, велат од Обединетата македонска дијаспора за Флорида

„Значи не станува збор за луѓе кои доаѓаат од рурални средини во Македонија, туку од градски средини – луѓе кои живееле, работеле, сосема солидно, а тука се пред се` за подобар живот, за подобар квалитет на животот, а не само за поголема заработка. Традиционалното печалбарство исчезнува. Порано животот бил сведен само на работа. Сега Македонците во САД се социјализирани во општеството, работат во Влада, во американските институции, инволвирани се во економијата,“ вели Јосифов.

Тој работи како менаџер во престижниот хотел Fontainebleau, каде во минатото настапувал Френк Синатра, а денеска сите модерни ѕвезди. Предава и финансии на Универзитетот на Флорида. Давајќи личен пример, вели дека Македонците успешно се интегрираат во американското општество.

„Индустријата секоја година опаѓа на светско ниво, а услужната индустрија расте. Во овие места, како што се Флорида и Калифорнија, се повеќе и повеќе луѓе доаѓаат пред се` заради работа. Нашата дијаспора е многу интегрирана, особено тука во Флорида“, вели Јосифов.

За Македонците, Флорида е атрактивна како место за живеење, но и како туристичка дестинација.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG