Ал-Каида го избра досегашниот „човек број два“ Ајман ал-Завахри за нов водач.
Терористичката организација ја објави веста на исламистичка веб-страница, ветувајќи дека ќе продолжи со џихад против САД и Израел, за кои вели дека се „неверници - освојувачи“. Ал Каида најавува дека ќе продолжи да се бори „се` додека сите армии кои извршиле инвазија не ја напуштат земјата на Исламот.“
Завахри, кој неделава наполни 60 години, по професија е хирург. Тој беше долгогодишен заменик на Осама Бин Ладен. Терористичките експерти често го наведуваат како главен стратег на Ал-Каида и оперативен организатор. Многумина аналитичари претпоставуваа дека токму Завахри ќе го преземе раководството на Ал-Каида по убиството на Бин Ладен во акцијата на американските сили во Пакистан минатиот месец.
Претпоставките се дека Завахри се наоѓа во планинскиот регион на авганистанско-пакистанската граница. Џон Бренан, американски претставник за контра-тероризам, неделава изјави дека САД трагаат по него.
Завахри доаѓа од семејство на лекари и научници. Тој се приклучил на радикалниот ислам уште како тинејџер. Иако се образуваше за лекар, за што има и диплома, Завахри се посвети на формирање на милитантната група Египетски исламски џихад.
По убиството на Осама бин Ладен, Завахри му одаде признание на главниот заговарач на терористичките напади од 11-ти септември 2001-ва, велејќи дека дека тој „се вратил на неговиот Господ како маченик.“