Вувузелите се труби што прават силна бучава, споредлива со рој на пчели. Додека некои застанаа во одбарна на инструментот што без исклучок и без пауза се употребува на натпреварите од Светското фудбалско првенство во Јужна Африка, критиката е гласна исто колку и самите вувузели.
„Тие се незаменлив дел од инвентарот - Јужноафриканците ги носат на фудбалски мечеви, постојано дувајќи во нив. Создаваат постојана бучава со која треба да се справи не само публиката на стадионите, туку и гелдачите пред ТВ-екраните“, вели спортскиот уредник на Гласот на Америка Парк Бруер кој се наоѓа во Јужна Африка.
Кристијано Роналдо, кој игра за Реал Мадрид, вели дека вувузелите се пречка за концентрацијата на играчите. Бруер вели дека и други го делат мислењето.
„ТВ-коментаторите се жалат дека поради бучавата тешко можат да го чујат сопствениот глас. Мошне е тешко и за играчите и селекторите да си даваат вербални сигнали. Нема дилема, вувузелите влијаат на квалитетот на играта“, коментира Бруер.
Сепак и покрај поплаките, тој не верува дека тие ќе бидат забранети за време на Мундијалот: „Се работи за вид на традиција во Јужна Африка што не сум сигурен дека ќе замре. Мислам дека ќе има големи протести ширум земјата доколку некој се обиде да ги забрани вувузелите“, вели Бруер.
Дени Џордан, главното извршно лице на Светското фудбалско првенство во Јужна Агрика вели дека постојано се врши проценка на ситуацијата со вувузелите и дека постои можност да се забранат, но само „доколку има основа за тоа“. Тој лично претпочита фудбалските вљубеници да пеат, или, класично - да навиваат.