Американската државна секретарка Хилари Клинтон го осуди објавувањето на преку четвртина милион доверливи американски дипломатски телеграми од страна на Интернет-страницата Викиликс.
За Клинтон, потегот претставува напад врз интересите на американската надворешна политика и меѓународната заедница, поради што САД преземаат агресивни чекори да се земат на одговорност оние кои ги украле информациите.
Претходно, американскиот главен обвинител Ерик Холдер соопшти дека во тек е кривична истрага за случајот.
Белата куќа во неделата објави соопштение во кое претседателот Барак Обама наведува дека ги поддржува одговорните напори за обезбедување поголем пристап до владините информации. Па сепак, објавувањето на тајните документи од страна на Викиликс го нарече - „безобѕирно“.
Белата куќа предупреди дека објавувањето на украдените и тајни документи не само што ги става во ризик животите на дипломатите и професионалците во разузнавањето, туку ја доведува во опасност и промоцијата на човековите права ширум светот.
Во интервју за телевизијата Фокс, републиканскиот сенатор од Јужна Каролина Линдзи Греам предупреди дека овој чин може да им наштети на дипоматските напори на САД ширум светот.
„Објавувањето на материјалите е бедно. Се согласувам со оценката на Пентагон дека луѓето од Викиликс може да носат луѓе на душа поради тоа“, изјави сенаторот.
Одделот за одбрана најави дека отпочнал серија чекори за превенција на вакви инциденти во иднина.
Откако Викиликс објави преку 75.000 тајни документи за војната во Авганистан порано годинава, секретарот за одбрана Роберт Гејтс спореведе две проценки за да одреди која политика и кои процедурални или технолошки пропусти придонеле за неавторизираното објавување на информациите.
Викиликс не го идентификуваше изворот на тие документи, но осомничен за делото е аналитичар за разузнавање во редовите на армијата, Бредли Менинг, кој се наоѓа во воен затвор и кому допрва треба да му се суди. Менинг беше уапсен порано годинава за наводно протекување на видео-материјал од хелихоптерски напад во Ирак како и за достава на доверливи дипломатски информации до Викиликс.
И светот со остра реакција за објавувањето на тајните документи. Официјален Париз вети поддршка за администрацијата на претседателот Обама во контролирањето на штетата од протекувањето.
Австралискиот генерален правобранител Роберт Меклеланд соопшти дека владата спровела истрага за тоа дали протекувањето на информациите прекршило некои од законите во државата.
И Пакистан се приклучи кон осудата на потегот на Викиликс, нарекувајќи го „неодговорен“.