Линкови за пристапност

Основачот на „ВикиЛикс“ го брани објавувањето на документите за Авганистан


Покрај 75-те илјади документи што се веќе објавени, организацијата има 15 илјади други извештаи што се однесуваат на војната во Авганистан, во моментов ги разгледува и подоцна може да реши да ги објави.

Веб-страницата објавените документи ги нарекува „Авганистански воен дневник“.

Зборувајќи во Лондон, основачот на „ВикиЛикс“ Џулиан Асанџ кажа дека ниту еден од документите поединечно нема големо значење, но сите заедно се убедувачки. Ова е бидејќи, како што кажа, „тоа е историја и огромен збир од материјал што ќе има влијание на многу луѓе на многу различни начини“.

Белата куќа, Британија и Пакистан го осудија објавувањето на класифицираните документи. Советникот за национална безбедност Џим Џонс кажа дека со објавувањето „се ставаат во ризик животите на Американците и партнерите.

Авганистанската влада во Кабул вели дека била „шокирана“ по објавувањето на информациите, но тврди дека повеќето од нив не биле нови.

Асанџ додаде дека документите се стари преку седум месеци и не верува дека нивното објавување открива движење на трупите или друга чувствителна тактичка информација.

„Немаме причина да се сомневаме во веродостојноста на овие документи. Она што треба да кажеме е дека овде не се вклучени тајните извештаи со назнаката „строго доверливо“, не е вклучен поголемиот дел од извештаите на американските специјални сили, извештаи на ЦИА и на други коалициони партнери. Сепак, во нив се вклучени поголемиот дел од извештаите на редовните армиски активности“, истакна Асанџ.

Тој додаде дека извештаите даваат широка претстава за војната во Авганистан и како таа се развива. Во нив е вклучена и информација за цивилни жртви.

Овој експерт додава дека судот треба да каже дали се работи за кривични дела.

„Се чини дека има докази за сторени кривични дела во овој материјал. Пример за тоа е ракетен напад врз куќа, при што загинале седум деца“, истакна Асанџ.

Датотеката на „ВикиЛикс“ може да се пребарува и целта е всушност да охрабри натамошно истражување, вели Асанџ. Тој препорачува претпазливост да не му се дава на секој документ подеднаква тежина. Асанџ истакна дека покрај 75-те илјади документи што се веќе објавени, организацијата има 15 илјади други извештаи што се однесуваат на војната во Авганистан, во моментов ги разгледува и подоцна може да реши да ги објави.

XS
SM
MD
LG