Линкови за пристапност

ЗНМ и Владата се судрија околу изјавата на премиерот за новинар


ЗНМ и Владата се судрија околу изјавата на премиерот за новинар
ЗНМ и Владата се судрија околу изјавата на премиерот за новинар

ЗНМ вели дека не е вообичаено премиер да кажува кој е новинар, а кој не е, Владата возвраќа дека има право на коментар

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера ја осуди изјавата на премиерот Никола Груевски за новинарот Борјан Јовановски во интервјуто за Македонската информативна агенција (МИА).

ЗНМ потенцира дека во земја каде што се почитува слободата на медиумите не е вообичаено премиер да кажува кој е новинар, а кој не е, и да ги оценува прашањата што новинарите ги поставуваат во текот на нивната работа.

Здружението додава и дека „слобода на медиуми значи создавање поволни услови за работа на медиумите и немешање на политичарите во работата на новинарите“.

На денот на објавување на Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија во Брисел, Јовановски, инаку автор на емисијата „Еврозум“, му постави прашање на еврокомесарот за проширување Штефан Филе: Дали мислите дека Македонија може да ги почне преговорите со ваква ситуација, посебно на полето на слободата на медиумите и ако ситуацијата продолжи како сега, дали Македонија може да ја задржи препораката за почеток на преговорите?“.

Во интервјуто за МИА, пак, на прашање како тој ги чувствува реакциите по повод ваквото прашање, премиерот Груевски одговори:

Јас не би го коментирал тоа прашање на поранешниот новинар, за кој сите се чудат како се нашол во салата за прес-конференции на Комисијата, и како токму тој го имал ексклузивното право да поставува прашања, а не и другите новинари од Македонија во салата, но и тоа говори доволно за темата транспарентност и слобода на медиумите, но и за стандардите кои треба да ги следиме. Но, сепак ако не беше тој, веројатно ќе беше некој друг кој е заинтересиран да користи средства од фондовите на ЕУ за проекти поврзани со медиумите. Со оглед дека спомнатата личност е добро позната на македонската јавност и инволвирана во низа скандали и афери, јас би се воздржал од коментар. Очигледно претходно нарачаното прашање беше во функција за подготовка на терен за следната година за повлекување на препораката, доколку до тогаш не се реши спорот за името“.

Во осудата на ваквата изјава на премиерот, асоцијацијата на македонските новинари го потсетува премиерот дека „не е грев да се користат средствата на ЕУ, бидејќи такви фондови користи и самата Влада“, и на заедничките заклучоци од тркалезна маса од 14-ти септември 2011-та година, „со кои се согласивме да ја поддржиме слободата на изразувањето ослободена од лични навреди и дисквалификации“. ЗНМ потенцира дека „останува на договорените принципи за разговори и дека се надева дека на истите позиции е и македонската Влада“.

Во контрареакцијата на Владата се изразува разбирање за солидарноста што ЗНМ сака да ја покаже кон своите колеги и согласност со принципите за слобода на изразување и слобода на медиумите. Но, Владата реплицира:

“Оттука сметаме дека е чудно како Вие ја правдате по секоја цена активноста на било кој што е дел од Вашата професија, а паралелно на тоа се обидувате да ни го ускратите правото да коментираме за Вашата работа, додека одредени Ваши колеги истовремено буквално пишуваат што сакаат за нашата работа. Зарем не е недемократски и дисторзија на слободата на говорот ако Вие ни забранувате ние да коментираме некој Ваш колега“.

Во соопштението на Владата се додава: „Жалиме што дел од Вашите колеги, криејќи се зад дефиницијата за слобода на медиумите, се обидуваат да прошверцуваат искривени вредности и да пласираат во јавноста тези дека некој нешто им забранува, дека е загрозена слободата на медиумите итн., но без оглед на тоа ние сме подготвени и на оваа тема, како и за сите други, да имаме дијалог и да дискутираме врз основа на факти и аргументи“.

Само ден пред последнава остра дебата за слободата на медиумите и на новинарското изразување, со свој извештај за човековите права и слободи за август и септември 2011 се огласи Хелсиншкиот комитет на Македонија (ХКМ).

Според ХКМ, по мониторингот на состојбите со медиумите во последниве неколку месеци, „се добива впечаток дека како никогаш до сега новинарите се предмет на притисок од два паралелни извора - владината кампања и провладините новинари“.

Застанувајќи зад слободата на медиумите како уставно гарантирана слобода, ХКМ се осврнува, пред се`, на „растурањето на трибината на либералната група на Парламентот на Европа во Брисел, на која како гости беа повикани неколку македонски новинари и активисти за човекови права, а тема беше - состојбата со слободата на медиумите во Македонија“. Комитетот обвинува дека „група на новинари под директна контрола на властите, упаднаа на оваа трибина стигматизирајки ги колегите како платеници и предавници кои работат за некакви `туѓи интереси`. Случката разбирливо предизвика негативни кометари и оценки од меѓународната јавност и создаде уште потемна слика за состојбата на слободата на изразување и слободата на медиумите во Република Македонија“.

Потенцирајќи ја потребата од постоење на здрава критичка свест и јавност, со акцент на негувањето и одбраната на јавната дебата и слободата на изразување, Хелсиншкиот комитет, оценува дека на медиумската сцена во Македонија, „се зазема страна без пардон и се губи секаква трага од она што се нарекува слобода на медиумите, каде новинарите најчесто се немоќни да им се спротивстават на своите газди, па ги прифаќаат тие правила на игра при што го добиваат чинот `патриот` и сите бенефиции што следат со него. Притоа, се разбира, сите останати се оквалификуваат како `предавници`“.

Задржувајќи се и на честите тужби против новинарите за клевета и навреда како форма на притисок, ХКМ ги повикува судовите да почнат со „практикување на стразбуршката јуриспруденција, искуствата и стандардите на Европскиот суд за човекови права“, за да се избегне прелевање на ваквите предмети во Стразбур што, според Комитетот, секако е уште еден удар врз демократијата и судството во Македонија.

XS
SM
MD
LG