Линкови за пристапност

Опозиционите градоначалници се закануваат со истапување од ЗЕЛС


Опозиционите градоначалници се закануваат со истапување од ЗЕЛС
Опозиционите градоначалници се закануваат со истапување од ЗЕЛС

Опозицијата бара да Владата да престане со пресметките против неистомислениците. Власта апелира да не се воведуваат мрачни сценарија

„Ние, партиите од опозициониот фронт, бараме премиерот и Владата веднаш да престанат со ваквата пракса во спротивно, опозициониот фронт ќе биде принуден да ги употреби сите расположливи средства за политичка битка и демонстрирање на граѓански отпор, а целокупната одговорност ќе ја понесе владејачкото мнозинство“ стои во заедничкото соопштение на Опозициониот фронт, по денешната двочасовна средба во седиштето на СДСМ.

Опозицијата бара Владата да ја сопре политичката пресметка и елиминацијата на неистомислениците. Опозиционерите ги наведуваат случаите со апсењето на Љубе Бошкоски, актуелното уривање на објектот Космос на пратеникот Фијат Цаноски, затворањето на ТВ А1 и на весниците Време, Шпиц и Коха е ре на притворениот Велија Рамковски, како и политичката злоупотреба на лустрацијата во случајот со челникот на Фондот Институт Отворено општество Македонија, Владимир Милчин, како аргументи дека и по изборите Владата на Никола Груевски продолжува со пресметки со неистомислениците.

Реагираа и градоначалниците од редовите на опозицијата, кои на прес-конференција изнесоа тврдење дека објектот Космос се гради законски и согласно Деталниот урбанистички пан и апелираа до градоначалникот на општина Гази Баба, кадар на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, службите кои тој ги управува да ја прекинат постапката за уривање на повеќемилионската инвестиција - за да се преиспита случајот.

Приложувајќи ја оригиналната верзија на Деталниот урбанистички план каде што е лоциран проектот Космос, градоначалникот на Струмица Зоран Заев рече: „Се руши само ако се претходно исцрпени сите други законски решенија, а во случајот со „Космос“ не е така. Објектот досега е граден законски во целост и согласно деталниот урбанистички план. Планот е заверен од општина Гази Баба“.

Заев приложи и стручно мислење од Архитектонскиот

факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, а инвеститорот Цаноски најави дека и натаму ќе продолжи со градбата на комплексот и изјави дека се надева дека ќе му биде дозволено најдоцна за еден месец повторно да почне со изградбата.

Ако на седницата на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) закажана за задутре не се расправа за овој случај, градоначалниците од редовите на СДСМ најавија преиспитување на своето натамошно учество во ова тело. Тие очекуваат став од ЗЕЛС што ќе биде јавно соопштен и донесен врз основа на законско решение

Во реакцијата на здружената владеачка коалиција За подобра Македонија, пак, и` се порачува на опозицијата да не ги воведува граѓаните во мрачни сценарија.

„Точно е, ние правиме поделба, но на луѓе кои го почитуваат и не го почитуваат законот и не чуди како дури два месеца по изборите не разбирате дека вашите политики беа поразени и заради тоа вашиот денешен состанок се вика состанок на т.н. Опозициски фронт, а не седница на влада. Во врска со вашите закани дека ќе користите средства на граѓански отпор, сакаме да апелираме до вас да не ги воведувате граѓаните во мрачни сценарија кои нема да донесат никому добро освен на вас, неколку луѓе од СДСМ, блиски до вашиот доживотен претседател“, стои во соопштението на коалицијата За подобра Македонија.

XS
SM
MD
LG