Претседателот на СДСМ Зоран Заев, заедно со делегација од сопартијци, ќе присуствува на утрешната средба во Брисел со комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, соопштија од најголемата опозициона партија во Македонија.
СДСМ во соопштението изразува задоволство од изјавата којашто вчера ја дадоа комесарот Хан и генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер.
„Изјаснувањето на еврокомесарот Јоханес Хан заедно со генералниот секретар на ОБСЕ дека Конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените парламентарни избори 2014 во Македонија содржи бројни недостатоци на изборниот процес за коишто е потребно итно спроведување на препораките на набљудувачката мисија, како и јасно искажаниот повик да се постигне договор за преостанатите точки, односно организирање Влада што ќе ги подготви и спроведе следните избори, го цениме за силна потврда на позициите на еврокомесарот Хан искажани во телефонскиот разговор со претседателот Заев и преку писменото соопштение од Европската комисија“, се вели во соопштението на СДСМ.
Според СДСМ, овие заложби на Хан за отворање на суштинското прашање - организирање Влада што ќе спроведе фер и демократски избори, отвораат пат за отпочнување на евентуални преговори за решавање на политичката криза.
СДСМ, се вели во соопштението, очекува принципиелни разговори поставени на рамноправна основа.
Вчера, генералниот секретар на ОБСЕ и комесарот за проширување преку соопштение ги искажаа своите очекувања за организација на праведни и демократски избори.
„Слободните и праведни избори се од витално значење за зацврстување на демократските процеси во земјата," рече Заниер. "Очекувам дека Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) повторно ќе биде вклучена со полн капацитет во набљудување на изборите, особено во овој клучен период", се вели во соопштението издадено од ОБСЕ.
Истакнувајќи дека конечниот извештај на ОДИХР за набљудување на предвремените парламентарни избори во 2014-та година укажал на бројни недостатоци, Заниер подвлече дека е потребно надлежните институции во земјата целосно и итно да ги спроведат препораките на ОДИХР за изборниот процес.