Радикалниот свештеник Анвар ал-Авлаки загинал во воздушен напад во Јемен, за кој новинските извештаи наведуваат дека го организирала американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА).
Авлаки, кој е родум од САД, бил убиен од проектили од беспилотно летало што денес го погодиле неговиот конвој во источниот дел на Јемен.
Американскито претседател Барак Обама коментираше дека смртта на Авлаки е голем удар за Ал-Каида во Јемен, најактивниот дел на терористичката организација на Арапскиот Полустров. Обама рече дека операцијата во која бил елиминиран Авлаки покажува дека Ал-Каида и сојузниците не може да најдат засолниште.
Западните новински агенции пренесуваат американски официјални лица дека нападот го координирала ЦИА, а со него раководела Американската здружена команда за специјални операции - контратерористичката единица што играше главна улога и во убиството на Осама бин Ладен во мај годинава.
Во денешната операција загинале уште неколку лица осомничени дека се милитанти, меѓу кои и Самир Кан. Овој Американец со пакистанско потекло издаваше Интернет-магазин на Ал-Каида.
И американските, и јеменските власти го бараа Авлаки поради сомнение за вмешаност во терористички напади. Виш претставник на американската одбрана кажа дека со текот на годините, Авлаки станал оперативец кој се` повеќе се насочувал на напади против САД и сојузниците.