Американската државна секретарка Хилари Клинтон вели дека смртта на Моамар Гадафи затвора „многу несреќно поглавје“ во историјата на Либија, но дека обележува и „почеток на нова ера“.
Клинтон коментираше од Пакистан во петок, три дена по посетата на Либија на нејзината турнеја низ Блискиот исток и Јужна Азија.
Претседателот Обама по веста се огласи од Белата куќа, нарекувајќи ја смртта на Гадафи предупредување за авторитарните лидери низ Блискиот исток дека раководењето со железна тупаница „недвојбено завршува“.
Кина кажа дека Либија отвора нова страница и ги поттикна лидерите од провизорната влада да започнат процес на „инклузивна“ политичка транзиција.
Јужна Африка кажа дека се надева дека ситуацијата во Либија ќе „води кон прекин на непријателствата и обнова на мирот“.
Реагираше и Иран, велејќи дека надева на „крај на граѓанската војна“ и на воспоставување на стабилност“.
Шефот на Арапската лига кажа дека се надева оти смртта на Гадафи ќе ја затвори страницата на тиранијата“. Тој ги поттикна Либијците да ги залечат раните од минатото и да не прибегнат кон чувства на одмазда.
Шефот на ОН Бан Ки-мун кажа дека смртта на Гадафи означува „историска транзиција за Либија“. Тој ги повика сите борци да го положат оружјето.
Италија, поранешниот колонизатор на Либија ја одбележа смртта на Гадафи со изјавата на премиерот Силвио Берлускони велејќи дека „сега војната е завршена“.
Францускиот претседател Николас Саркози и германската канцеларка Ангела Меркел кажаа дека неговата смрт е начин да се тргне кон демократска Либија.
Претседателот на ЕУ Херман Ван Ромпуј и претседателот на ЕК Хозе Мануел Баросо објавија заедничка изјава во која се вели дека смртта на поранешниот либиски лидер одбележа „крај на ера на деспотизам и репресија“.