Организаторите на Светското фудбалско првенство во Јужна Африка се задоволни од досегашниот тек на Мундијалот. Севкупната присутност на стадионите, според проценката, треба да биде втора најголема досега во историјата на светските првенства.
Директорот на Организацискиот комитет на Светското првенство во Јужна Африка Дани Џордан предвидува дека тоа ќе биде едно од досега најуспешните. Наведува податоци: досега 2, 6 милиони лица присуствувале на 56 натпревари. Останатите осум меча ќе се играат на најголемите стадиони во државата. Како резултат на тоа, се очекува преку три милиони да ги проследат сите напревари од Мундијалот.
„Фудбалското првенство во Јужна Африка ќе има најголема посетеност досега по Мундијалот во САД во 1994-та“, вели Џордан.
Светското првенство во САД пред 16 години привлече рекордни 3, 5 милиони лица, додека пред четири години во Германија, бројот изнесуваше 3,3 милиони.
Поради глобалната економска рецесија, очекуваната бројка на странски посетители е намалена од 500.000 на 350.000 лица. Но, затоа Џордан дава податок дека преку 360.000 љубители на фудбалот дошле на Светското првенство во првите две недели од едномесечниот настан. Доста и потрошиле - 2 милијарди долари.
И првиот човек на ФИФА Сеп Блатнер е задоволен од Мундијалот, што и го соопштил на средбата во Преторија со јужноафриканскиот претседател Џејкоб Зума.
„Морам јавно да изразам голем комплимент до народот на Јужна Африка за приемот на странските навивачи и селекциите кои дојдоа да се натпреваруваат“, изјави Блатнер.
На Мундијалот се случија и инциденти. Јужноафриканската полиција соопшти дека американски државјанин бил застрелан во рака при обидот да биде ограбен. 35-годишниот турист бил нападнат од четворица во јужен Јоханесбург. Тој бил пренесен во болница и се наоѓа во добра здравствена состојба.
И покрај загриженоста за безбедноста во земја со висока стапка на насилство и криминал, досега има само два регистрирани случаи на вооружени грабежи - обата врз странски државјани.