Портпаролот на американскиот претседател Барак Обама најави дека ја напушта функцијата, што е најнова од бројните промени во актуелната влада.
Портпаролот Роберт Гибс ќе се повлече на почетокот на февруари. Името на неговиот наследник не е објавено.
Претседателот Обама прави промени во кабинетот, во подготовка за реизбор во 2012-та. Неговиот виш политички советник Дејвид Акслерод ќе се врати во Чикаго, каде ќе работи на кампањата.
Американските медиуми јавија дека Обама ја разгледува можноста да го именува Вилијам Дејли за нов шеф на Кабинетот. Дејли служеше на функцијата секретар за трговија во администрацијата на претседателот Клинтон. Тој е брат на градоначалникот на Чикаго, Ричард Дејли.
Обама треба да го објави и наследникот на Лари Самерс, кој беше досегашен претседавач на Економскиот совет на претседателот.