На синоќешниот распит во Конгресната поткомисија за Европа, Евроазија и растечки закани, посветен на напредокот, но и на предизвиците на Западниот Балкан, стана збор за секоја земја одделно, до каде стигнале на патот на евроатлантската интеграција.
Претставникот на Стејт департментот, заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Хојт Ји го повтори кажаното при неодамнешната посета на Македонија - дека САД ги поддржуваат аспирациите на земјата за членство во ЕУ и НАТО.
Сепак, Ји рече дека САД и европските партнери со загриженост ја следат внатрешнополитичката криза во случајот прислушување: „Ја повикуваме Владата да реагира на протечените материјали на начин којшто покажува нејзина посветеност на евроатлантските принципи. Ја охрабруваме опозицијата, којашто во моментов го бојкотира Собранието, да се врати во тоа тело и да помогне да се реши кризата“.
Американскиот дипломат е загрижен и за, како што оцени, се` поголемата поделеност во земјата по етничка основа. Истовремено, со фактот дека во Атина има нова влада, тој ги поттикна Македонија и Грција да постигнат обострано прифатливо решение за спорот околу името.
Со критички тон за актуелната состојба во Македонија беше поранешниот конгресмен и претседател на Албанско-американската граѓанска лига.
„Единствената друга опција е федерализација. Доколку Албанците не добијат Устав којшто ќе ги третира како еднаква група во формирањето на државата, сакаат федерализација којашто би им овозможила административна, социјална и финансиска контрола врз нивната судбина во рамки на Македонија“, изјави Диогарди.
Сузан Фриц, вршителка на должноста заменичка-раководителка за Европа и Евроазија во УСАИД коментираше дека САД не заборавиле на регионот и ја потенцираше поддршката на нејзината агенција во изградбата и реновирањето на училишта за мешани македонско-албански паралелки во руралните области на Македонија.
На 20-години од Дејтонскиот договор, но се` уште со многу нерешени прашања, соговорниците заклучија дека членството во НАТО и ЕУ е движечка сила за турбулентниот Балкан и дека регионот нема алтернатива освен евроатлантската интеграција. Затоа, сметаат дека е императив САД и натаму да бидат вклучени на Балканот, за негов просперитет.