Полицијата уапси стотици демонстранти во неколку градови во САД, во време кога движењето „Окупирај го Вол Стрит“, насочено против корпорациите, продолжува да се шири низ земјата.
Поради одбивање на наредбата да заминат од јавен парк, полицијата во Чикаго приведе 175 лица.
Во Вашингтон, властите уапсија 19 лица кои протестираа на влезот на Врховниот суд.
Во сојузната држава Аризона беа приведени над 100 демонстранти.
Апсењата минаа без проблеми и уледија еден ден откако десетици илјади лица на протести во главните градови ширум светот изразија незадоволство од, како што сметаат, алчноста на корпорациите, економската нееднаквост и се` поголемиот јаз меѓу богатите и сиромашните. Поголемиот дел од протести беа мирни, но во Рим изби насилство кога стотици маскирани демонстранти започнаа да фрлаат камења и шишиња, да подметнуваат пожари и да кршат излози на банки и продавници. Во нередите беа повредени 70-тина.
Италијанскиот премиер Силвио Берлускони изјави дека насилството претставува загрижувачки знак за состојбата на граѓанското општество. Се работи за едно од најтешките насилства во Рим со децении. Градоначалникот Џани Алемано процени дека штетата изнесува 1,4 милиони долари.
Во Лондон, неколку стотити лица подигнаа камп-населба пред катедралата Сент Пол, во близина на финансискиот центар на градот.
Протести имаше и во Австралија, Азија и Јужна Африка.