На протестот на движењето „Окупирај го Вол Стрит“ во Њујорк им се приклучија синдикати и локални организации. Движењето како причина за кревање на гласот ја наведува економската неправда.
Вака негодува еден демонстрант: „Владата велеше дека треба да го спаси Вол Стрит и трите најголеми автопроизводители, за да стимулира економијата. Три години подоцна, се` уште нема работни места!“
Во протестите се вклучија камионџии, учители, медицински сестри, негодувајќи поради невработеноста, влијанието на големите корпорации во политиката, како и владиниот пакет-помош во 2008-ма за големите банки на Вол Стрит.
Брус Хамилтон, претседател на оддел на Здружениот синдикат на транспортни работници вели: „Сакаме пристоен живот. Сакаме да ја спасиме планетата. Бараме право на квалитетен транспорт и чист воздух и вода, пристоен стандард на живеење. Тоа ни го зеде Вол Стрит и затоа сме тука“.
Демонстрантите тврдат дека САД стануваат земја во која владее мала финансиска елита, додека 99% од Американците мака мачат да најдат работа и да платат кирија.
Сандра Фалвел е организатор во Синдикатот на медицинските сестри. Вели, се` поголем број луѓе не можат да купат здравствена заштита: „Медицинските сестри од сите делови на земјата дојдоа да дадат поддршка на движењето `Окупирај го Вол Стрит`. Вол стрит не` продаде. Вол стрит беше спасен, а ние завршивме на улица!“.
Како што демонстрациите продолжуваат да се шират и во други американски градови, неколку демократски членови на Конгресот им дадоа поддршка.