Линкови за пристапност

Курт Вокер: време е за лидерство и политичка волја


Курт Вокер: време е за лидерство и политичка волја
Курт Вокер: време е за лидерство и политичка волја

Поранешниот амбасадор на САД во НАТО е на иста линија со генералниот секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен за шансите Македонија да влезе под референцата ФИРОМ.

Курт Вокер, кој во моментов е на чело на Центарот за трансатлантски односи при Универзитетот Џонс Хопкинс, проценува дека доколку сега не се постигне решение за спорот со името, за напредок во иднина ќе бидат потребни години:

„Подготвени сме Македонија да стане членка на НАТО. Мислам дека се и другите членки. Но, за да се стори тоа, мора да се реши спорот со името. Тоа, навистина, зависи од Македонија и Грција, да дојдат до некаков договор. Мислам дека имаме можност пред нас – самитот на НАТО, самитот САД-ЕУ се извонредна можност“, вели Вокер во интервјуто за Гласот на Америка на македонски.

Поранешниот амбасадор на САД во НАТО е на иста линија со генералниот секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен за шансите Македонија да влезе под референцата ФИРОМ.

„Мислам дека е невозможно во овој момент. Знам дека тоа беше договорот од 1995-та, и дека по таа основа Македонија се приклучи на други организации, но фактите сега се променија. Грција јасно стави до знаење дека нема да го поддржи македонското членство под името ФИРОМ. Преговорите со посредникот на ОН Нимиц продолжија понатаму и мислам дека сега е време да се најде решение што потоа ќе и` овозможи на Македонија да се приклучи под постојан статус“, коментира Вокер.

На прашање за перцепцијата дека Македонија е ставена да избира меѓу членство во НАТО и името, американскиот аналитичар наведува дека е јасно дека македонскиот идентитет е нешто што живее во срцето на секој Македонец и не може да биде одземено, но додава дека треба да се согледа сликата во целина.

„Ако некој сака ова да биде нулта позиција, губитник на една – губитник на друга страна, тоа е лесно да се стори. Важно е луѓето во Македонија да имаат иднина што ќе ги доведе во во главниот европски тек – ЕУ, НАТО, така што мора да бараме начини тоа да стане можно, отколку неможно“, вели Вокер за Гласот на Америка.

Тој верува дека решение за влез во НАТО е можно пред Самитот во Лисабон, но ги отфрла шпекулациите дека клучно за тоа би бил некој нов напор на САД:

„Не би вложувал во тоа. Во крајна линија, нема магична формула што доаѓа однадвор. Се работи за тоа - што може да се договорат Македонија и Грција? Тоа е важно. Сите идеи се веќе разглобени. Сега е време за лидерство и политичка волја, во корист на луѓето на земјата, и ќе најдете голема поддршка однадвор за такво нешто“, наведува Вокер.

Важно е и САД да разговараат со европските сојузници, додава поранешниот амбасадор, за да се осигураат дека решавањето на прашањето е приоритет и за нив.

XS
SM
MD
LG