Линкови за пристапност

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ гледаат различно на предвремените избори


ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ гледаат различно на предвремените избори
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ гледаат различно на предвремените избори

Владејачката партија бара да се одржат што е можно поскоро, најголемата опозициона поставува предуслови

Предвремени избори што е можно поскоро - ова е ставот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, обелоденет по долгата седница на централниот партиски орган на која се разговарало за барањата на опозицијата за предвремени парлементарни избори.

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ заклучило дека од 4-те барања на СДСМ, релевантни за изборите биле само две - измените на Изборниот законик и избирачкиот список.

Доколку опозицијата се врати веднаш во Собранието, биле подготвени законикот да го изгласаат за еден до два дена, според препораките на ОБСЕ. Што се одесува до избирачкиот список, во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека тој е прочистен од Државната изборна комисија, но сепак прифаќаат формирање на мешовита парламентарна комисија која би имала рок од една недела да направи уште една проверка, по што Собранието би се распуштило.

Од останатите две барања, за ВМРО-ДПМНЕ целосно е неприфатливо одблокирањето на сметките на А1 и весниците, оти власта не била надлежна за тоа, а на второто, за носење на закон за рамномерна распределба на владините реклами, не биле подготвени, затоа што таков немало никаде.

„Бранко, ајде на избори, време е! Бранко, ајде на избори за да видиме кој е диктатор, а кој не е! Бранко, ајде на избори, да видиме кој е ненародна, а кој е народна власт! Бранко, ајде на избори, за да видиме дали народот ќе гласа за транзициска или за реформска Македонија“, изјави премиерот на Македонија и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, соопштувајќи ги заклучоците од седницата на Извршниот комитет на партијата.

Од штабот на СДСМ веднаш стигна реакција.

„Денешниот настап на Груевски на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека немаат намера да го прифатат исполнувањето на предусловите за одржување на слободни, фер и демократски предвремени избори“, се вели во писменото соопштение од СДСМ.

Подготвеност за избори изразија во владеачката ДУИ.

„Ние сме подготвени за избори и ќе се согласиме да одиме на избори во моментот кога таа одлука ќе биде донесена со консензус, поточно како резултат на еден конструктивен политички дијалог помеѓу власта и опозицијата, не само помеѓу власта“, изјави Ермира Мехмети од оваа партија.

Предлогот за предвремени избори го прифаќаат помалите опозициони парттии. Сега топката е повторно во дворот на СДСМ. Тие остануваат незадоволни од одговорот на Груевски.

„Се` додека овој став на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ е на сила, СДСМ останува надвор од Собранието. Сите последици за Република Македонија од ваквата ситуација ќе ги сноси директно Никола Груевски“, соопшти СДСМ.

СДСМ останува на нивното прво барање – одмрзнување на сметките на А1, Време, Коха е Ре и Шпиц.

„За фер избори не може да стане збор, ако во предизборната кампања се оди само со провладините и партиски медиумски мегафони. Потребно време за овој чекор е толку колку што може да трае еден телефонски разговор на Груевски или Маневски доколку, се разбира, сврти на вистинскиот број. Знам дека Груевски на ова ќе одговори дека судството е независно и дека тој нема намера да се меша во неговата работа. Така и би требало да биде. Но, господине Груевски, Вие веќе грубо се замешавте со Вашата политичка одлука да ги затворите овие медиуми. Сега на ист начин повторно замешајте се и поправете ја својата грешка“, изјави вчера Црвенковски.

Груевски го отфрла ова барање, тврдејки дека тој не е како Црвенковски, па да влијае како премиер врз судски одлуки.

Од ЕУ сметаат дека одлуката за предвремени избори е внатрешно прашање, но за нив е важно таа да биде донесена со консезус.

Ако партиите се договорат за предвремени избори во фер и демократска атмосфера, најголема надеж на ЕУ е дека тоа ќе донесе решавање на спорот со официјална Атина.

„Доколку дојде до предвремени избори, ние се надеваме дека тие избори ќе и` дадат мандат на новата влада да дојде до решение за спорот“, рече Самуел Жбогар, министер за надворешни работи на Словенија.

XS
SM
MD
LG