Американскиот претседател Барак Обама го одбележи американскиот празник – Денот на воените ветерани за време на посетата на Јужна Кореја, со коментар дека решеноста на САД да ја бранат оваа земја нема никогаш да попушти.
Во говорот во американска армиска база во Сеул, Обама кажа дека 28-те илјади војници стационирани во земјата помагаат во обезбедување на демократијата. Тој им оддаде почит на Американците кои се бореа и загинаа во тригодишната Корејска војна што започна пред 60 години кога комунистичка Северна Кореја изврши инвазија на Југот.
Обама рече дека Корејската војна се опишува како „загини за реми“ поради тоа што борбите завршија со примирје наместо со мировен договор. Но, тој смета дека сепак била остварена победа, поради “динамичната демократија на Јужна Кореја денес и нејзините благодарни, оптимистички граѓани“.
Обама ја критикуваше Северна Кореја што продолжува по патот што ја продлабочува нејзината изолација од светот. Тој ги повика властите во Пјонгјанг да соработуваат со меѓународната заедница во однос на севернокорејската нуклеарна програма, или, во спротивно, само дополнително да го отежнат животот на својот народ.
Корејскиот Полустров дава најостар контраст во светот меѓу едно отворено и едно затворено општество, рече американскиот претседател, но тој смета дека се` уште има време Северна Кореја да го смени патот.
Денот на ветераните во САД се одбележува на датумот што означи крај на борбените дејствија во Првата светска војна (прекинот на борбите познат како „11-от час, на 11-от ден, на 11-от месец“). Со текот на времето прерасна во празник на американските воени ветерани од сите војни.