Линкови за пристапност

Три години затвор за Верушевски за недозволено поседување на оружје


Ова не е правда, ова е потврда за патологија, реагираше поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање

„Ова е уште една потврда на се` што беше наведено во извештајот на Прибе. Ова е потврда дека Република Македонија е држава во која недостасуваат стандардите на демократско владеење. Ова не е правда, ова е потврда за патологија“. Вака денеска Зоран Верушевски, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) се обрати до новинарите во судницата веднаш откако
Кривичниот суд му ја соопшти казната од три години затвор за недозволено поседување на оружје.

Верушевски беше уапсен пред речиси шест месеци и беше обвинет за неовластено поседување на пиштол марка „Црвена застава“ од 1982-ра година, наводно службен пиштол на МВР, којшто тој по завршувањето на функцијата не го вратил. При претресот, пиштолот бил одземен, и, според образложението на пресудата, ќе биде вратен во МВР. Во својата одбрана на претходните рочишта, Верушевски тврдеше дека изминативе години во МВР знаеле каде е оружјето, но никој не побарал од него да го раздолжи. Тој ќе остане во притвор до правосилност на пресудата.

Според судијката, којашто на реакцијата на поранешниот директор на УБК во судницата го опомена „да не прави драма“, Верушевски добил минимална казна, бидејќи казната за вакво дело е од 3 до 10 години затвор, а условна казна е само во случај доколку обвинетиот го признае делото.

Неговите адвокати најавија жалба.

„Одбраната занеше дека оваа пресуда е напишана уште пред 15 дена. На нашата мината средба ви рековме дека очекуваме ослободителна пресуда, сметајќи дека Судот и Обвинителството ќе се одважат, меѓутоа очигледно дека си работат и понатаму под присилба на власта. Останува да ја обжалиме пресудата и да очекуваме дека Апелација ќе ја укине“, изјави адвокатот Ангеле Илиевски.

Верушевски во писменото соопштение до медиумите, ОБСЕ и странските амбасади оценува дека „ова е агресија врз слободата и демократијата, врз владеењето на правото и правната држава, врз човечкиот интегритет и достоинство“.

„И јас, како Зоран Заев, овој суд не го признавам, затоа што тој не може да го сопре времето на слободата, и демократијата кое со сета своја сила доаѓа во Македонија“, вели Верушевски.

На петти август, Верушевски повторно ќе седне на обвинителна клупа, заедно со водачот на СДСМ Зоран Заев, за случајот „Пуч“, каде како првообвинет се товари за неовластено прислушување, шпионажа и државен удар.

XS
SM
MD
LG