Линкови за пристапност

Производи исклучително од САД


Производи исклучително од САД
Производи исклучително од САД

Продавница во мало градче во сојузната држава Њујорк е определена да прошири својот бизнис

Од неодамна, градчето Елма во сојузната држава Њујорк стана туристичка атракција. Зошто? Бидејќи токму овде е лоцирана продавница со производи исклучително од САД. Сопственикот Марк Андол раскажува дека самото купување е патриотски чин.

„Ова се производи 100% произведени во САД, од американски работници, а парите остануваат овде, во оваа економија“, вели Андол.

Се работи за голема просторија, сега преполна со американски знамиња и патриотски цитати по ѕидовите.

Глорија Гиша од Мејн вели дека кога купува, секогаш гледа дали пишува „произведено во САД.“

„Ме навраќа во младоста и кога се` беше овдешно. Така и треба да биде“, вели таа.

Таа признава дека понекогаш купува и производи од странство.

„Купувате по најподобна цена. Се` се сведува на тоа. За некои, секој цент е значаен. Ако успеете да заштедите 50 центи, тоа е многу, многу е“, додава Глорија.

На почетокот, вели сопственикот на продавницата Марк Андол, сето ова било само идеја наспроти деловен план. Кога пред 14 месеци се отворила, на располагање биле само 50 производи.

Сега, муштериите можат да бираат меѓу преку 3.000 производи. Она што недостасува се отварачи на конзерви, кафемати или речиси се` од електронските направи. Но цените на она што се нуди се компетитивни, на пример фармерки се продаваат за 30 долари. На една од маиците со цена од 14 долари беше забележлив напис – „Кина е далеку за да биде работно место.“

Роб Вејлан е менаџер на продавницата. Тој изјави дека му се потребни часови за да ја утврди автентичноста и да потврди дека производите се стопроцентно американски, во некои случаи се проверува дури и лепакот.

„Доколку е направен одреден пропуст, го тргаме производот, го гориме, фрламе, бидејќи тие што ни го доставиле, не излажале“, вели Вејлан.

Засега, овој патриотски принцип не е профитабилен. Сета заработка се троши за набавка на нови производи. Но, факт е дека годинава продажбата е двојно поголема споредено со истиот период минатата година, благодарение на добриот збор на посетителите и на туристите.

Марк Андол вели дека би сакал оваа иницијатива да се прошири и во други делови на САД.

XS
SM
MD
LG