Ако Македонија станеше членка на НАТО или ЕУ пред неколку години, актуелните политички проблеми во земјата немаше да постојат, заклучија учесниците на дебатата.
Лук Кофи, аналитичар од Фондацијата Маргарет Тачер од Вашингтон, за Гласот на Америка акцентира - САД и ЕУ да не вртат грб на Балканот.
„Не само во Македонија, туку на други места на Балканот, САД, но и Европејците главно заборавија на регионот, како да е веќе смирен, а работата завршена. Но, реалноста е, како што гледаме на улиците во Скопје и на други места, дека има многу незавршени работи. Мислам дека би било трагично за САД и Европа да завртат грб на Балканот, којшто не само што е важен за историјата на Европа, туку и за нејзината стабилност“, вели Кофи.
Тој смета дека САД треба да го засилат повикот до обете страни во кризата во Македонија да се вклучат во дијалог, а протестите да бидат без насилство.
Роберт Бенџамин, регионален директор за Централна и Источна Европа во Националниот демократски институт, за нашата радекација коментира дека широкиот дијалог е важен не само за политичките партии, туку за граѓанското општество во земјата воопшто.
„Јасно е дека Македонија искусува критичен момент во демократската транзиција. Меѓународната заедница прави се` што може да даде поддршка. Мојата организација работи на разни начини да поддржи умерен, конструктивен, севклучителен политички процес. Токму таков е потребен сега. Потребен е широк дијалог, за Македонија да се справи со предизвиците, не само меѓу политичките партии, туку и во граѓанскиот сектор. Граѓаните јасно кажаа дека сакаат да учествуваат во политичкиот процес“, изјави Бенџамин.
Претседателот на Обединетата македонска дијаспора Мето Колоски повика во Македонија да се стават државните над партиските интереси: „За сите работи коишто излегоа во последниве неколку месеци мора да има одговорност, од сите лидери, и од владата, и од опозицијата“.
Колоски побара враќање на довербата и кредибилитетот во сите институции на системот.