Во неколку градови во САД синоќа продолжија протестите поради двете неодамнешни одлуки на големите пороти да не бидат покренати обвиненија против полицајци – белци за интервенции во коишто загинаа невооружени лица - црнци.
Стотици лица во Чикаго вчера излегоа од црквите - право на улиците, протестирајќи против, како што сметаат, нерамноправниот и понекогаш фатален третман на мажите- црнци од страна на полицијата.
Демонстрантите во Мајами блокираа дел од автопат. Протестите продолжија во Њујорк, Филаделфија и Сиетл. Во Беркли, Калифорнија, вчера се одржа мирен протест откако во саботата демонстрантите се судрија со полицијата и ограбија неколку продавници.
Најновите протести започнаа минатата среда, кога Големата порота на Њујорк реши да не биде покренато обвинение против полицаецот Даниел Панталео за случајот во јули годинава, кога 43-годишниот Ерик Гарнер, татко на шест деца, почина од задушување за време на полициска интервенција. На снимката од апсењето може да се слушне како Гарнер вели - не можам да дишам, додека неколку полицајци го соборуваат.
Кон крајот на ноември, пак, Големата порота во Фергусон реши да не го обвини полицаецот - белец Дарен Вилсон за инцидентот во август кога фатално го застрела невооружениот тинејџер – црнец Мајкл Браун.