Линкови за пристапност

Републиканска претседателска дебата: многу кандидати, една критика


Републиканска претседателска дебата: многу кандидати, една критика
Републиканска претседателска дебата: многу кандидати, една критика

Претендентите за Белата куќа согласни против економската политика на претседателот Обама

Седум републиканци кои се борат за партиската номинација да му се спротивстават на претседателот Барак Обама на изборите следната година учествуваа во првата голема ТВ-дебата оваа предизборна сезона.

Во настанот што доби голем медиумски публицитет, а што беше пренесуван на Си-Ен-Ен, учествуваа поранешниот гувернер од Минесота Тим Поленти, конгресменката од истата сојузна држава Мишел Бакман, бизнисменот од Џорџија Херман Кеин, конгресменот од Тексас Рон Пол, поранешниот сенатор од Пенсилванија Рик Санторум, поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни и поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич.

Републиканците на трибината што се одржа во Манчестер, сојузната држава Њу Хемпшир, го критикуваа претседателот за економската политика и најповеќе се фокусираа како тие би ги намалиле даноците и обемот на владата, како начини за заживување на економскиот растеж на земјата.

„Тој не ја создаде рецесијата, но ја направи полоша и подолга и сега имаме похронична, долгорочна невработеност од кога и да е порано, 20 милиони луѓе без работа, кризата со домување и натаму се влошува. Претседателот потфрли“, рече Мит Ромни. Тој важи за фаворит, но од друга страна многумина републиканци го критикуваат за усвојувањето на законот за здравствена заштита додека беше гувернер на Масачусетс, легислатива што послужи како модел за реформите на претседателот Обама во здравствениот систем на национално ниво.

„Да бидеме на чисто: вечерва сакам да објавам дека претседателот Барак Обама е претседател што ќе биде само еден мандат на функцијата“, кажа Мишел Бакман, инаку фаворит на движењето Ти парти.

“Пред се`, ја контролирате границата. Бараме од Националната гарда да појде во Ирак, Кувајт, Авганистан, но ќе направевме повеќе за американската безбедност ако побаравме таа да биде на границите“, рече Њут Гингрич, во чиј изборен штаб првите луѓе неодамна поднесоа оставка откако тој, наместо да биде на изборна кампања, замина на крстарење во Грција.

Кандидатката за потпретседателка на претходните избори Сара Пејлин, која е една од најпопуларните републиканци, не учествуваше на дебатата затоа што досега не објавила дека ќе се кандидира.

Во Њу Хемпшир ќе се одржат првите прелиминарни партиски избори по сојузни држави на почетокот на 2012-та, на девет месеци пред претседателските избори на кои ќе се реши дали демократот Обама ќе остане во Белата куќа уште четири години.

XS
SM
MD
LG