Пакистанската влада денес побара „конкретни докази“ за да постапи против Хафиз Мухамед Саид, основачот на милитантната организација Лашкар-е-Таиба, кој се товари за терористичкиот напад во Мумбај во 2008-ма.
Еден ден откако САД распишаа потерница од 10 милиони долари по Саид, портпаролот на пакистанското Министерство за надворешни работи Абдул Басит потенцираше дека Исламабад претпочита да добие докази против него, за да може да се вклучи во јавната дискусија за случајот. Басит изјави дека „во демократска земја како Пакситан, каде судството е независно, доказите против едно лице мора да бидат правно преиспитани“.
Неколку часа претходно, Саид одржа прес-конференција близу армиското седиште во градот Равалпинди, каде јавно се подбиваше со САД. Саид побара тој да ја добие паричната награда и ги исмеваше САД што распишале потерница по некого за кого се знае каде се наоѓа.
62-годишниот основач на Лашкар-е-Таиба јавно дејствува во Пакистан, каде се појавува на телевизија и редовно држи говори. Саид и неговата екстремистичка организација се товарат за организирање на бројни терористички напади, како оној во Мумбај, финансискиот центар на Индија, во кој загинаа 166 лица, меѓу кои и шестмина Американци.
Пакистанските власти го држеа Саид во куќен притвор шест месеци по нападот, но не беше обвинет. Пакистанскиот врховен суд реши дека нема доволно докази против него.