Во јужна Калифорнија преку 150.000 лица се вработени во текстилната индустрија.
Претседателката на Модната асоцијација на Калифорнија, Алси Мечек, вели дека се` повеќе дизајнери прават облека во САД.
„Се`што се случува во Кина, со непочитување на работничките права, манипулација со валутата, ги прави луѓето совесни. Можеби не ги знаат деталите, но сфаќаат дека нешто не е во ред“, објаснува таа.
Друг фактор за зголемената побарувачка е американската рецесија и високата стапка на невработеност.
Има многу Американци кои намерно купуваат американски производи за да и` помогнат на домашната економија. Кетлин Худак е една од нив. Таа е децидна дека сака нејзините пари да им помогнат на работниците во САД.
Извештај на калифорниската асоцијација за мода вели дека кинеските надници растат поради намалувањето на работната сила поради државната политика на едно дете во семејство. Работниците се префрлаат во други индустриски сфери за подобра плата, работно време и услови за работа.
Лони Кеин, директор на компанијата „Карен Кеин“ исто така го враќа производството од Кина во САД, и заради економски причини:
„Во Кина, како што се зголемуваат стандардите растат и платите“, вели оваа директорка.
Сепак, иако условите за работа во САД се подобри, и квалитетот повисок, има производи што никогаш нема да се префрли во земјата, вели Лони Кеин:
„Производите како оние од Волмарт нема да бидат изработени во САД. Потрошувачите сакаат за нив да платат одредена цена, и ништо повеќе“, додава Кеин.
Многу бизниси знаат дека дека домашното производство го поедноставува работењето. Френк Дороф е потпретседател на „Блумингдејлс“, трговска фирма со луксузна стока:
„Секогаш барам производи кои се направени во САД поради деловните односи кои можам да ги развијам со производителот. Важен фактор е и брзината на доставувањето и достапноста, и кога можам лесно да комуницирам - квалитет нема да изостане.“.
Експертите додаваат дека САД нема никогаш повеќе да бидат лидери во текстилното производство, зашто секогаш ќе има поевтини држави за ваков бизнис. Ако Кина стане прескапа, производството ќе биде преселено во земји со помали издатоци, како Бангладеш и Камбоџа.