Линкови за пристапност

Американска опрема за македонската Гранична полиција и Царината


Американска опрема за македонската Гранична полиција и Царината

Уреди за надзор во ноќни услови, термални визири, инструменти за вршење преглед, камери за надзор, ГПС-уреди, детектори за радијација и две патролни возила - оваа опрема е дел од американската донација вредна близу еден милион долари што денеска ја добија македонската Гранична полиција и Царинската управа. Опремата е обезбедена преку Програмата за контрола на извозот и гранична безбедност на САД, наменета за подобрување на контролата долж границата и на граничните премини.

„Безбедните граници многу придонесуваат за внатрешната и регионалната безбедност. Опремата ќе го зголеми капацитетот на двете гранични служби на многу начини, и тоа во спроведувањето на граничен надзор, патролирањето и попречувањето на легални активности, борбата против граничниот криминал и тероризмот, откривањето на радијација, идентификацијата на оружјето за масовно уништување и спроведувањето на примарен и секундарен преглед на граничните премини“, рече на примопредавањето амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс.

Според владини податоци, во првите девет месеци од годинава, на територијата на Македонија се откриени над 900 илегални мигранти, а само од јужната граница, нивниот број е зголемен за 3,5 пати повеќе од лани. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, заблагодарувајќи се за донацијата, истакна дека новата опрема ќе помогне за зголемување на ефикасноста во борбата против илегалните мигранти и злоупотребата на безвизниот режим.

„Токму безбедноста на границите е еден од приоритетите коишто ги имаме, особено заради глобалниот развој на настаните бројните конфликти што резултираа со значителни миграциски бранови“, рече Јанкулоска.

За Царината, како што рече нејзиниот прв човек Ванчо Каргов, опремата значи осовременување и јакнење на капацитетите, посебно во време кога има се` поголем бројот на обиди за нелегално внесување на лекови. Опремата, донирана претходно исто така од САД, помогнала во ефикасно спречување на овој вид на прекуграничен криминал.


Преку програмата за контрола на извозот и гранична безбедност, САД во изминативе девет години и` доделија помош на Македонија во вредност од над три милиони долари, во вид на донации, а спонзорираа и преку 90 обуки за повеќе од илјада службеници од институции во Министерствата за економија, за финансии, за надворешни и за внатрешни работи.
XS
SM
MD
LG