За две години, Клиниката за детска хирургија во Македонија, со домашни и странски донации е целосно реновирана и опремена со најсовремена опрема.
Завршницата ја означија 125.000 американски долари, дел од вкупно 490.000 долари вредната донација од Министерството за одбрана на САД, вложена во проектот за целосно менување на ликот на оваа клиника. Ако во претходниот период се инвестираше во опрема за одделението за интензивна нега на оваа клиника и за набавка на скенер за компјутерска томографија, последните финансиски средства беа наменети за реновирање на собите, трите лифта, амбулантниот дел и за набавка на 50 болнички кревети.
Македонија треба да се гордее со оваа клиника, бидејќи таа е на ниво на европските и светските болници, рече амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс кој денеска присуствуваше на завршницата на овој проект.
„Поради уникатната природа на оваа Клиника, децата од Албанија и Косово доаѓаат тука и добиваат неопходна и важна нега. Граѓаните на Македонија може да се гордеат со фактот што им помагаат не само на своите најмали граѓани, туку и на децата од соседните земји и ја обезбедуваат потребната здравствена нега“, рече Волерс.
Македонскиот министер за здравство Никола Тодоров истакна дека со оваа помош Македонија добила клиника што прераснала во регионален центар.
„Ова е единствена институција од ваков карактер во државата која дава услуги не само во Македонија, туку и пошироко. Има над 1.500 операции годишно и тоа говори за динамиката, улогата и важноста на оваа Клиника“, истакна Тодоров.