Американците се во исчекување дали новиот состав на Конгресот ќе најде заедничко решение по бројни горливи прашања. Веќе беа исцртани партиски линии, по најавата на републиканците, кои сега се мнозинство во Претставничкиот дом, дека ќе работат на поништување на законот на претседателот Барак Обама за реформи во здравството.
Со тоа што ниту една од двете главни политички партии во САД не е во состојба целосно да ја оствари својата агенда и не е подготвена на компромис за клучни принципи, продолжува закоченоста во американскиот политички систем. Последниве две години во сенатот беа поднесени повеќе процедурални потези за блокирање на легислативи отколку во 19-от и 20-от век заедно.
„Во Вашигтон сум 41 година и будно ја следам политиката во Конгресот. Досега немам видено вакво нешто“, вели Норман Орнстејн е искусен политички аналитичар.
Обама го започна претседателскиот мандат ветувајќи консензус и промена на честопати токсичниот политички тон во Вашингтон. Но, повеќето од неговите легислативни успеси се случија во услови на речиси едногласно противење на републиканците, проследено со едни од најжестоките реторики со децении.
Па сепак, минатогодишната седница на Конгресот по изборите даде доза на надеж. Демократите и републиканците најдоа заедничко решение за спорните фискални прашања и усвоија даночни олеснувања.
Но, републиканците во Претставничкиот дом велат дека имаат мандат од гласачите да ја спречат или преиначат агендата на Обама, вклучувајќи ја и реформата на здравствената заштита.
„Ќе ја растуриме оваа мерка парче по парче, се` додека не се распадне“ најавува републиканскиот конгресмен Фред Аптон од Мичиген.
Не така брзо, вели лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Хари Рид и додава: „Републиканците треба да разберат дека законот за реформи во здравството нема да биде укинат“.
Останува да се види дали оружениот инцидент во кој тешко беше повредена конгресменката од Аризона Габриел Гифордс ќе има трајно влијание на националниот политички дискурс – ќе ја намали ли жестоката реторика и ќе создаде ли поголем простор за компромис.