Посета на кинескиот претседател Ху Џинтао во Вашингтон доаѓа во време кога се` поголем број Американци гледаат на Азија како на еден од најважните региони за САД.
Ако разговарате со граѓани во главниот град Вашингтон за американско-кинеските односи, како најголема грижа ги истакнуваат економските и трговски врски меѓу двете земји.
Еден од анкетираните, што се претстави само како Дејвид, вели:
„Ако ја погледнете нивната економија, и тоа што толку позајмуваме од Кина, како и контролата што Пекинг може да ја има врз САД поради нашата задолженост, тогаш е важно претседателот Обама да разговара со нив, и тие да дојдат кај нас.“
Независно дали се работи за економската експанзија на Кина или Кина како растечката воена сила, постои чувство дека САД треба да бидат претпазливи:
„Мислам дека има работи за кои треба да бидеме загрижени, и како ќе се справуваме со Кина во време кога стануваат се` помоќни на глобалната сцена“, вели анкетиран граѓанин.
Многумина се согласни дека двете држави се потребни една на друга:
„Мислам дека во моментов меѓусебните односи се напнати, но двете земји треба да работат заедно затоа што имаат заеднички интереси“, вели една анкетирана Американка.
Неодамнешното истражување на јавното мислење од центарот Пју покажа дека не воената сила, туку економскиот напредок е најголема закана за Американците.
Истражувањето покажа дека американската јавност сака претседателот Обама да заземе поцврст став кон трговската размена со Кина и да промовира посилни врски.
Паралелно со растечкото влијание на Кина, важноста на Азија како целина добива се` поголемо значење. Анкетата покажува дека Азија сега е најважен регион во светот за Американците – позиција која претходно ја држеше Европа.
Керол Доерти од истражувачкиот центар Пју вели:
„Во 90-тите, јавноста најмногу гледаше кон Европа. Сега Азија се гледа како поважен континент и мислам дека тоа е одраз на новата глобална реалност. Тука удел има чувството за подемот на Кина, но веројатно не само оваа земја, туку и важноста на Кореја и другите азиски нации“.
Многумина од испитаниците ја гледаат Кина како најголема закана за САД, веднаш по Северна Кореја и Иран. Сепак, понатамошно испрашувани тие ја гледаат како сериозен проблем, а не како чист непријател:
„Мислам дека треба да бидеме добри пријатели. Не сме добри како од времето на Мао, но треба да подадеме рака, вели една испитаничка.
Тоа и се очекува од Ху и Обама за време на средбите во Белата куќа. Претседателот на САД приреди државна вечера за кинески лидер по пауза од повеќе од една деценија.