Американскиот претседател Барак Обама и британскиот премиер Дејвид Камерун ги реафирмираа „специјалните врски“ меѓу двете земји на раскошната државна вечера во Белата куќа.
Над 300 гости ги проследија здравиците на двајцата државници за личните и дипломатски односи. Обама го цитираше Винстон Черчил – говореше за „големата цел и замисла на нашето сојузништво“, додека Камерун кажа дека американскиот претседател е „сојузник, партнер и пријател“. Меѓу поканетите на вечерата беа и оскаровецот Џорџ Клуни, голферот Рори Мекилрој од Северна Ирска, како и британскиот актер Хју Боневил и неговата американска колешка Елизабет Мекговерн од популарната британска драма „Даунтаун аби“.
Претходно, Обама и Камерун разговараа за состојбата во Авганистан. Првиот човек на САД кажа дека трагичните настани изминатите денови се потсетник дека мисијата и натаму останува тешка, но оти САД и НАТО направиле напредок.
„Не верувам дека ќе направиме нагли, дополнителни промени од зацртаниот план“, кажа Обама за временската рамка за повлекување. Според планот, САД и НАТО целосно ќе ја предадат одговорноста во раце на авганистанските безбедносни сили во 2014-та.
Гостинот од Лондон подвлече дека од Авганистан сега доаѓаат помалку закани. „Ако направите споредба каде сме денес и каде бевме пред две-три години, состојбата на теренот е значително подобрена“, кажа Камерун.
Најновата, заедничка анкета на Ројтерс и Ипсос покажува дека слабее поддршката на Американците за војната во Авганистан. 40% проценти од испитаниците во истражувањето направено преку Интернет велат дека таа се намалила по последниот инцидент - убиството на 16 цивили, за кое се товари американски војник. 61% сметаат дека преостанатите американски војници треба веднаш да се вратат дома.