Линкови за пристапност

Македонската заедница во Охајо очекува подобри економски времиња


Независно кој ќе биде во Белата куќа, семејните вредности им се важни на Македонците во Колумбус.

Македонската заедница во Колумбус, сојузната држава Охајо е поделена околу тоа кој републикански претендент би бил најдобар противкандидат на претседателот Обама на изборите во ноември.

Колумбус е динамичен, шаренолик град, дом на разни етнички групи. Македонската е една од побројните. Македонските Американци одат во црква секоја недела, ги почитуваат и негуваат семејните вредности, си помагаат, се собираат на венчавки, соработуваат со сите заедници од градот, без исклучок. По традиција, во овој град во среднозападниот дел на САД, конзервативните политички ставови добиваат поголема поддршка.

Адвокатот Томи Танев во разговорот за Гласот на Америка вели дека на изборите непишано правило е: „Како ќе гласа Колумбус, тоа се одразува врз општината Френклин. Тоа, пак, се пренесува на Охајо, и, на крај, се рефлектира на крајниот исход на изборите за Белата куќа“.

За Танев, Мит Ромни е најсериозен претендент. Тој потсетува на традиционалната поддршка на Македонците во САД за републиканските кандидати поради признавањето на Македонија под уставното име од страна на претседателот Џорџ В. Буш во 2004-та.

Конзервативните гледишта доминираат во градот. Мисли Танев.

„Се` уште има конзервативна база во Колумбус; има многу луѓе кои негуваат длабоки традиционални вредности, верски убедувања. Тие работи им значат“, коментира адвокатот од Колумбус.

Елена Полојац, пак, која работи во приватна фирма за електронски компоненти, не смета дека тоа е предоминантен став меѓу американските гласачи од македонско потекло.

„Не мислам дека тоа е причина, затоа што Македонците се либерални, како и останатите Европејци кои живеат во градот“, коментира Полојац.

30-годишниот Томи Христовски, управник во банка, важи за еден од поактивните волонтери во македонската заедница. За него, политичките ставови одат напоредно со начинот на живот.

„Во Охајо владеат вредностите на среднозападна Америка. Почитување на домот, семејните вредности, верувањето во Бога, верата“, раскажува Христовски.

И за Сузана Николовска од Битола, која веќе седум години е во САД, однесувањето на кандидатите кон семејството и верата е битно.

„Сега-засега, Мит Ромни е некако најдобар кандидат. Гледа позитивно на работите, верува во Бога и се надевам дека ќе успее да победи во трката за претседател на САД“, истакнува Николовска.

Без оглед кого ќе заокружат на гласачкото ливче во ноември, македонските Американци се оптимисти за економијата: очекуваат подобрување на стандардот на живот и отворање на повеќе работни места.

XS
SM
MD
LG