Во САД има општоприфатено мислење дека универзитетската диплома е клучот за просперитет во професионалната кариера, и животот, воопшто. Но, се` поголем број образовни лица тврдат дека постојат и други можности, особено за оние кои можеби нема да успеат на универзитет.
Во програмата за занаетчии, во организација на Синдикатот на водоводџии и инсталатери на сојузната држава Мериленд, Тревис Страудерман и други студенти заработуваат додека учат.„Целосно ми ги смени животот. Ги отплатив сите долгови. Сега размислувам да создадам свое семејство“, раскажува Тревис.
Во рамки на петгодишната програма, Страудерман учи технички вештини, и тоа бесплатно. Размислувал да се запише на факултет, но решил поинаку.
Професорот по економија Роберт Лерман вели дека Страудерман не е единствениот случај: „На многу им е здодевно уште во средно училиште. Го напуштаат. Сакаат нешто да направат, а не само да присуствуваат на настава“.
Според Лерман, образовниот систем во САД е премногу фокусиран на универзитетското образование.
Чад Алдерман од истражувачката организација Образовен сектор посочува на истражувања според кои колку подолго се минува на училиште, толку е поголема шансата за подобра заработувачка и кариера.
Па сепак, не сите запишани во високото образование се успешни. Извештајот на Организацијата за економска соработка и развој од 2007-ма покажува дека во САД само 54 проценти завршуваат со диплома. Згора на тоа, Бирото за трудова статистика наведува дека од 30-те професии со најголема стапка на растеж, повеќе од половината бараат обученост, а не универзитетска диплома.
Според Ал Клинедист, кој раководи со програмата за обучување во која учествува Страудерман, конкуренцијата е огромна: „Ги примаме најдобрите. Понекогаш, по 1.700 се пријавуваат за 100 места“.
Стивен Ларкин, потпретседател на Здружението на механичари од Мериленд, вели дека компаниите директно вработуваат чираци кои се обучуваат преку Здружението. Завршен чирак може да заработи до - 36 долари на час, што е мошне добра сатница.