Линкови за пристапност

ОН: Високата стапка на невработеност го забавува глобалниот економски растеж


ОН: Високата стапка на невработеност го забавува глобалниот економски растеж
ОН: Високата стапка на невработеност го забавува глобалниот економски растеж

Извештај од Конференцијата на ОН за трговија и развој посочува дека обновата на светската економија се одвива бавно и тоа ќе води кон послаб глобален економски растеж.

Во извештајот од Женева за „Светската економска состојба и перспективата за 2011-та“, се подвлекува дека високата стапка на невработеност и натаму останува главен проблем.

Извештајот од ОН предвидува умерен економски растеж во 2011-та и 2012-та да биде меѓу 3 и 3,5 проценти. Таму стои дека тоа е пребавно за враќање на загубените работни места кои уследија како реакција на економската криза.

Економистот од Одделот за глобализација и развојни стратегии Алфредо Калкагно вели дека земјите во развој се очекува да имаат растеж од два проценти и тоа ќе ја задржува светската економија.

„Зошто земјите во развој имаат бавен растеж? Главно поради постојаната висока стапка на невработеност и прераното прекинување на фискалното стимулирање. Главен проблем на денешницата е невработеноста. За работните места кои беа загубени за време на кризата во 2008-ма и 2009-та, ќе бидат потребни неколку години пред да се повратат“, вели тој.

Извештајот посочува дека САД се опоравуваат од најдолгата и најтешка рецесија од Втората светска војна. Сепак, темпото на опоравувањето е на најниско ниво во период на пост-рецесија во историјата на земјата.

САД ќе имаат економски растеж помал од три проценти, што е недоволно за намалување на стапката на невработеност.

За повторно отварање на работните места кои беа загубени во време на рецесијата ќе бидат потребни најмалку уште четири години.

Очекувањата за економски растеж на Европа и Јапонија се уште попесимистички, вели Хајнер Фласбек, директор на одделот при ОН за глобализација и развојни стратегии. Според него, се` уште има економска неизвесност и голем ризик од стагнација:

„Трите големи региони – Јапонија, Европа и САД, се` уште не ги надминале економските тешкотии. Имајќи ги предвид повлекувањата во нивните стимулативни политики, постои голема опасност дека обновата ќе стагнира уште годинава. Потоа се поставува прашањето - кои се мерките што треба да ги преземеме со цел да се рестартира економијата, затоа што обновата не е само-одржлива?“ прашува тој.

Фласбек вели дека позитивни вести има за Азија, особено за Кина и Индија. Но, дури и таму, бавно се одвива напредокот и предупреди дека тие држави нема да може да ја повлечат светската економија нанапред.

Извештајот посочува дека растежот на Јужна Америка се очекува да остане на релативно високо ниво од околу четири проценти.

Економската обнова е најсилна во Африка и се очекува таа да изнесува околу пет проценти во 2011-та и 2012-та.

XS
SM
MD
LG