Линкови за пристапност

Заврши средбата Иванов-Папандреу


Заврши средбата Иванов-Папандреу
Заврши средбата Иванов-Папандреу

На средбата во Њујорк, не станало збор за суштината на проблемот

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов и грчкиот премиер Јоргос Папандреу попладенво во Њујорк имаа 20- минутна средба на маргините на 65-то Генерално собрание на Обединетите нации. По средбата ниедна од страните не даде изјава за медиумите.

Средбата била иницирана од претседателот Иванов со цел да се продолжи градењето доверба меѓу двете држави, ни` рекоа од неговиот Кабинет.

Како што соопштија оттаму, Иванов и Папандреу оцениле дека ова е чувствителен период во кој двете земји треба взаемно да испраќаат пораки кои ќе имаат позитивни елементи на градење доверба.

Македонскиот претседател напоменал дека споменувањето на Уставот како дел од преговорите за прашањето за името е чувствителна тема за Македонија и оти во овој период мора да се внимава што двете страни официјално изјавуваат.

На средбата во Њујорк, не станало збор за суштината на проблемот. Двајцата се согласиле дека подобро е да се остави медијаторот Метју Нимиц да даде предлог во оној момент кога ќе почувствува дека тој нема да биде одбиен од двете страни.

Шефот на македонската држава останува во Њујорк и во наредните денови. По консултациите со премиерот Никола Груевски договорено е претседателот Иванов да го продолжи престојот и да го преземе планираното обраќање пред Генералното собрание на ОН.

Ова е прва средба на шефот на македонската држава Иванов со грчкиот премиер. Досега Јоргос Папандреу неколкупати се сретна со македонскиот премиер Никола Груевски.

XS
SM
MD
LG