Центарот за стратешки и меѓународни истражувања (ЦСИС) во Вашингтон нуди правци за решение на 20-годишниот спор за името меѓу Македонија и Грција за кој оценува дека ги обременува односите меѓу двете земји, како на политичко, така и на економско поле.
Во обемниот Преглед на политиката за Западниот Балкан, во кој секоја земја од регионот е опфатена со посебен извештај, се препорачува „Македонија јавно да искаже подготвеност да прифати предлог од посредникот на ОН Метју Нимиц со додавка, на пример „Република Северна Македонија“ или „Вардарска Македонија“ - име кое би се користело во сите меѓународни организации и во билатералните односи.
Извештајот чиј автор е познатиот аналитичар Јануш Бугајски, наведува Атина за возврат да го прифати националниот идентитет и јазик на мнозинското население како словенско македонски и да го прифати уверувањето на Скопје дека новото име нема да значи територијални претензии кон Грција и хеленското историско наследство на античка Македонија.
За да се избегне судир за тоа кој има право на македонскиот идентитет, ЦСИС препорачува да се направи јасна разлика меѓу словенско македонски и грчко македонски при дефинирањето на јазикот и етничкиот идентитет. Па сепак, придавката „словенски“ не може да стои во името на земјата поради евентуално противење на несловенското македонско население, стои во документот.
Решението мора да биде врзано со формална покана за членство во НАТО во Лисабон или веднаш потоа. Ако не се најде трајно решение до ноември, двете страни треба да се согласат Скопје да добие покана под ФИРОМ, додека се најде решение. За да се оствари планот, ЦСИС сугерира ангажирање на високи претставници на админстарацијата на претседателот Барак Обама кои ќе го интензивираат процесот со кој раководи Нимиц.
Во извештајот се заклучува и дека времето во спорот околу името е повеќе на грчка, отколку на македонска страна, поради фактот што Грција е веќе во ЕУ и НАТО, како и поради солидарноста на земјите-членки во овие организации.