Линкови за пристапност

Путин вели дека Русија сака односи со САД зановани на „почит“


Еден ден откако ја обвини земјата дека се обидува да ја „потчини“ Русија

Рускиот претседател Владимир Путин денес кажа дека неговата земја посакува односите со САД да се засновани на „почитување“, еден ден откако ја обвини земјата дека се обидува да ја „потчини“ Русија.

На церемонијата во Кремљ, на којашто група нови амбасадори поднесе акредитиви, Путин кажа дека Русија е подготвена за „практична соработка“ со САД врз основа на почитување на интересите на обете земји, еднакви права и немешање во внатрешните работи. Тој рече и дека обете земји имаат „посебна одговорност“ да ја одржуваат меѓународната безбедност и стабилност и да се борат против глобалните предизивици и закани.

Меѓу дипломатите коишто му предадоа акредитиви на Путин беше и новиот американски амбасадор во Русија, Џон Тефт.

Вчера, на состанок на свои поддржувачи во Москва, Путин кажа дека САД се обидуваат да ја стават Русија под своја контрола и да ги решат своите проблеми „на наша сметка“.

Доцна синоќа, германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер се сретна со Путин во Москва и разговараше за Украина, на итна покана од рускиот претседател, но не беа објавени детали за средбата што траеше преку еден час. Но, по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, што се одржа пред онаа со Путин, Штајнмаер кажа дека „нема причина за оптимизам во сегашната ситуација“ во источна Украина, каде руските владини сили и бунтовниците коишто имаат руска поддршка и натаму се вклучени во воени дејствија, и покрај договорот за прекин на огнот, постигнат во септември. Пред да замине од Киев вторникот, Штајнмаер ги повика сите страни во судирот да се придржуваат до договорот.

XS
SM
MD
LG