Линкови за пристапност

ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се судрија околу поставувањето на споменикот

Владејачката коалиција пред нови искушенија, овојпат предизвикани од поставувањето на споменикот на Царот Душан во рамките на проектот Скопје 2014-та.

Инцидентот се случи кога група на граѓани петокот вечерта се обиде да го урне споменикот, при што го оштети. На настанот присуствуваа и високи функционери од владејачката ДУИ.

„Спречивме масовни протести и уривање на споменик“, рече Ермира Мехмети. Според неа, обидот за рушење на споменикот е последица на тоа што никој не соопштил кој е нарачател на споменикот. Таа кажа и дека се прави обид да се овековечи некој кој, како што смета Мехмети, насилнички се однесувал кон Албанците.

Испровоцирана од изјавата на Мехмети, преку соопштение реагираше владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, коалицискиот партнер на ДУИ, која го осуди „нецивилизираното“ однесување и побара сите учесници во вандалскиот чин да понесат одговорност, а ги повика и институциите да постапат согласно законот и да го дефинираат ова прашање.

Мехмети, пак, не се согласува со констатациите дека однесувањето на функционерите на ДУИ било вандалско. Според неа, тоа е прашање на различно толкување и нивното однесување го спореди со демонстрантите во Украина кои во Киев го урнаа споменикот на Ленин, наведувајќи дека тоа беше протолкувано како борба за демократија.

Реагираше и опозициската ДПА.

„Тие манипулираат за да добијат политички поени. Ние бевме сведоци на акцијата ’Токмак’, и сега сме сведоци на манипулација на јавноста од страна на ДУИ. Ермира Мехмети, претседател на Комисијата за односи меѓу заедниците, беше да ја гледа ноќта акцијата ’Токмак’, но не најде време да свика седница на комисијата каде ќе се зборува за тоа“, изјави пратеникот од ДПА Беким Фазлиу, кој на интегративците симболично им подари мало чеканче - играчка.

Во меѓувреме за јавноста останува непозната информацијата кој го нарачал, платил и поставил споменикот на Цар Душан на мостот на цивилизациите во рамките на прокетот Скопје 2014-та.
XS
SM
MD
LG