Линкови за пристапност

Енормно зголемен бројот убиства на жени во Турција


Енормно зголемен бројот убиства на жени во Турција
Енормно зголемен бројот убиства на жени во Турција

Стапката нараснала за 1.400% во периодот меѓу 2002-ра и 2009-та!

Во Турција, стапката на убиства на жени е зголемена за 1.400% во периодот меѓу 2002-ра и 2009-та!

Шокантната статистика ја обелодени министерот за правда, одговарајќи на прашање од пратеник. 2009-тата е последна година за која има официјални податоци.

Турските медиуми неодамна јавија за убиството на жена во Истанбул. Мајка на четири деца била застрелана на улица, сред бел ден. Нејзиниот сопруг е уапсен. Насловните страници известија за случајот со наслов-коментар: „Уште едно убиство на жена“.

Убиствата на жени станаа секојдневие. Според турското Министерство за правда, во 2002-ра биле убиени 66 жени, а во првите седум месеци од 2009-та - 953. Шокантниот пораст на негативниот тренд во медиумите беше опишан како срам за Турција. По улиците во Истанбул – шокираност и резигнираност.

Убиствата, со лесно огнено оружје или со нож, најчесто ги вршат поранешни или сегашни сопрузи или пак членови на семејствата - таканаречени убиства за спасување на честа. Во еден неодамнешен случај, 20-годишна мајка била задавена заедно со нејзиното бебе. Осомничени се нејзиниот татко и братот.

Драматичниот пораст на убиства не ја изненадува Пинар Илкарачан од невладината организација Жени за женски човекови права.

„Убиствата се највидливиот дел од еден поголем проблем. Има многу насилство врз жените; десетици илјади жени се жртви на насилство, но не можат да го напуштат домот. Најпрвин, владата треба да го зголеми бројот на прифатни центри. Во 72 провинции во Турција има само 26 такви центри. Тоа е најниска бројка во Европа. Колку за споредба, во Германија имаа 800 прифатни центри за жени кои биле жртви на семејно насилство“, коментира Илкарачан.

И покрај порастот на убиства на жени, владата во Анкара ги отфрла критиките. Тврди дека во согласност со барањата од ЕУ, вовела една од најдалекусежните легислативи за еднаквост на половите во Европа.

Без оглед на тоа, турскиот премиер Реџет Таип Ердоган се приклучи на осудата на насилството врз жените. Тој рече дека е незамисливо да се врши насилство врз жени, да се дигне рака врз нив или да се третираат нехумано. Ердоган смета дека и во традициите и обичаите на ова географско подрачје не може да има насилство во името на спасување на честа.

Изминатите неколку месеци во земјата беше спроведена ТВ-кампања против насилството врз жените. Но, и покрај политичката осуда и законските реформи, неодамнешно истражување покажа дека 40% од жените се предмет на физичко или сексуално насилство.

За Илкарачан, најзагрижувачки е што има драматичниот пораст на убиствата на жените покажува еден поширок тренд.

„Турција на хартија има целосна еднаквост меѓу половите, но има голем отпор во дел од владата, вклучувајќи го и министерот за женски права, за примена на тие реформи. Турција е единствената земја со најниска стапка на женска вработеност меѓу земјите на ОЕЦД. Нема намалување на јазот меѓу образовани мажи и жени, но затоа се намалува бројот жени кои учествуваат процесот на носење одлуки во земјата“, наведува Илкарачан.

Ваква тегобна слика несомнено предизвикува загриженост во ЕУ. Женските права се една од клучните области на загриженост на патот на Турција кон ЕУ.

XS
SM
MD
LG