Линкови за пристапност

Разузнавањето на САД десет години по нападите


Разузнавањето на САД десет години по нападите
Разузнавањето на САД десет години по нападите

Меѓу владините агенции, разузнавачката служба на САД е една од оние со најголеми лузни по терористичките напади на 11-ти септември. Не е ни чудно, зашто главна задача на разузнавачките агенции е да осуетат терористички напади

Кога патничките авиони се урнаа во Кулите-близначки, Мајкл Хајден беше директорот на Националната агенција за безбедност, разузнавачка агенција која „пресретнува“ комуникации.

Утрото добил итен повик од тогашниот директор на ЦИА Џорџ Тенет:

„Можевме да слушнеме порака со честитка за мрежата на ал-Каида. Сите знаевме дека се работи за ал-Каида“, вели Хајден.

Но, ако знаеле за кого се работи, зошто не го запреле нападот? Хајден, кој требаше да го замени Тенет како прв човек на ЦИА, го објасни тоа со зборовите “недостиг на имагинација“.

„Имавме информации дека се прави заговор; забележавме раздвиженост во самата мрежа на ал-Каида. Имавме недостиг на имагинација да сфатиме дека следи напад“, вели тој.

Специјална комисија за 11-ти септември го разгледуваше неуспехот при собирањето разузнавачки информации и утврди дека имало доволно информации, но „точките не биле споени“.

Конгресот го формираше и Националниот центар за контратероризам токму со цел информациите да се споделуваат.

Мајкл Лајтер беше на чело на центарот од мај 2007-ма до мај годинава. Тој вели дека 10 години по 11-ти септември 2001-ва се` уште има многу информации да се разгледаат, но е важно да не застане процесот.

Некои аналитичари сугерираат дека убиството на Осама бин Ладен на почетокот од годинава и со константниот притисок врз Ал-Каида е во работ на нејзинот целосно исчезнување. Но, поранешниот шеф на центарот Лајтер вели дека ал-Каида во Пакистан е пред распаѓање, но нејзините гранки во странство се во подем:

„Организациите како ал-Каида на Арапскиот полуостров, организацијата ал-Шабаб, која има врски со ал-Каида во Сомалија, како и заканата од тероризмот од домашно тло кој се` уште се инспирира од идеологијата на ал-Каида, за САД и Западот се` уште претставуваат реална закана“, додава Лајтер.

Поранешниот директор за национално разузнавање Денис Блер вели дека опасноста во САД денес доаѓа од заговори со помала координација:

„Мислам дека координиран повеќетимски напад каков што беше на 11-ти септември, ќе можеме да откриеме пред да се случи и да го запреме. Заканата денес е од помали напади, со едно до две лица, кои можат да бидат многу смртоносни“.

Поранешниот шеф на националното разузнавање Мајкл Лајтер вели дека се постигнати големи успеси против терористичките групи по 11-ти септември, но оти нема стопроцентна гаранција за успех:

„Контраразузнавачката заедница, во која и јас бев дел вклучен, работи макотрпно. Се работи 24 часа седум дена во неделата, преку цела година, 365 дена. Но, независно колку се добри во работењето, независно колку го подобривме процесот на споделување на информациите или информатичката технологија, независно колку ја унапредивме експертизата во областа на културните и јазични различности, работите никогаш нема да одат подмачкано.“

Десет години по 11-ти септември 2001-ва, тактиките и борците се променети, но агентите од областа на разузнавањето и натаму се борат со насилнички исламски екстремисти кои не е лесно да се откријат.

XS
SM
MD
LG