Американскиот вселенски спејс-шатл Ендевор е на пат кон Меѓународната вселенска станица, на претпоследен лет пред завршувањето на програмата кон крајот на годинава.
Ендевор полета утринава од Вселенскиот центар Кенеди во сојузната држава Флорида, со шестчлен екипаж , петмина Американци и еден Италијанец.
Главен командант на Ендевор на патот кон Меѓународната вселенска станица е астронаутот Марк Кели, сопругот на американската конгресменка Габриел Гифордс, која беше ранета во главата на средба со граѓани од нејзината изборна единица во Тусон, Аризона, во јануари. Лекарите, сепак, и` дозволија на Гифордс да присуствува на лансирањето.
Полицијата јави дека полетувањето на Ендевор го проследиле 500.000 лица кои по тој повод дошле на лансирната станица.
Мисијата на Ендевор требаше да почне на крајот од април, но електрични проблеми на шатлот неколкупати принудија одложување на лансирањето. Механичарите во изминатите две недели работеа на отстранување на дефектите.
Ендевор ќе се пензионира по враќањето на Земјата и ќе биде изложен во Лос Анџелес. НАСА ќе ја заврши мисијата со спејс-шатловите со лансирањето на Атлантис во јули.
Третиот шатл, Дисковери, се врати од неговата последната мисија во март.
Екипажот на Ендевор ќе биде вклучен во вселенски прошетки, достава на неопходни делови и во одржување на дел од Меѓународната вселенска станица за време на 16-дневната мисија.