Линкови за пристапност

Протест против начинот на кој се води судскиот процес за случајот „Монструм“


Невладиното движење „Разбуди се!“ поднесе барање до Советот на обвинители за покренување постапка против обвинителката Гордана Гешковска

Неколку стотици граѓани денеска протестираа пред Јавното обвинителство поради, како што рекоа некои од водачите на протестот, незадоволствотo од начинот на кој се води судскиот процес за случајот „Монструм“. Демонстраните на овој протест, што мина без инциденти и во мирна атмосфера, носеа транспаренти и извикуваа: “Ние не сме терористи”, „Јанкуловска е терорист“, „Гешковска е монструм“. Демонстрантите сметаат дека судењето во случајот за петкратното убиство кај Смилковското Eзеро било неправилно, а обвинија дека обвинителството сака намерно да ги сокрие вистинските убијци.

Бедри Ајдари, братот на еден од осудените, вели дека брат му е во притвор 750 дена каде што, според него, бил постојано малтретиран.

„Ние не сме Ал-Каеда, не сме терористи, не сме убијци. И ние сакаме да се најдат вистинските убијци на невините млади момчиња кои беа убиени. Сакам да истакнам дека со изјавата на завршните зборови, обвинителката Гордана Гешковска само сакаше да предизвика меѓуетничка омраза. Затоа бараме од обвинителката да си поднесе оставка и невините луѓе што лежат во затвор веднаш да се ослободат“, рече Ајдари.

Револт во врска со завршните зборови на обвинителката Гешковска минатата недела изрази и невладиното движење „Разбуди се!“. Тоа поднесе барање до Советот на обвинители за покренување постапка против обвинителката.

Мотив за ваквото барање се завршните зборови на Гешковска, со кои како што велат од „Разбуди се!“, таа поттикнала омраза меѓу двете најголеми етнички и верски заедници во државата.

„Разбуди се!“ смета дека Гешковска во завршниот збор ги претставила своите ставови што не биле засновани на докази и факти, туку само на лични перцепции.

„Завршниот збор беше преполн со предрасуди и празни фрази, со што цениме дека се надминати предвидените правни норми и дека таа ја злоупотребила својата положба“, изјави Астрид Имери од граѓанското движење „Разбуди се!“.

Гешковска во завршното обраќање минатата недела се повика на материјалните и вербалните докази од главниот претрес и дека истите покажуваат дека обвинетите сториле кривично дело – тероризам.

„Многумина ме прашуваа за мотивот за извршеното кривично дело. За сите кои ме прашуваа: не е случаен денот - 12.04.2012 кога е извршено кривичното дело. На најголемиот христијански празник - Велики четврток, убиени се млади машки лица од македонска националност. Ако била намерата друга, ќе биле убиени и други лица. Пораката е: пукаме на Велики четврток за да ви биде крвав Велигден, за да ви ја уништиме верата. Пукаме во млади машки лица за да ви ја уништиме нацијата. Пукаме во иднината на државата. Зарем ова не говори доволно за мотивот за извршувањето на кривичното дело и за намерата да се предизвика чувство на страв и несигурност кај граѓаните? Судот да ги казни со најстрога казна обвинетите за да се задоволи правдата и никогаш да не се повтори ова“, рече обвинителката.

Денешните простети беа организирани преку социјалните мрежи. Демонстраните се собраа кај Јаја пашината џамија во населбата Чаир и потоа се упатија пред Јавното обвинителство.

По завршните зборови на обвинителството минатата недела, и вчерашните на одбраната, се очекува судот на 18-ти јуни да ја соопшти пресудата.
XS
SM
MD
LG