Линкови за пристапност

ДУИ останува во владината коалиција, и покрај разидувањата со ВМРО-ДПМНЕ


ДУИ останува во владината коалиција, и покрај разидувањата со ВМРО-ДПМНЕ
ДУИ останува во владината коалиција, и покрај разидувањата со ВМРО-ДПМНЕ

Ахмети доби поддршка за ваквиот став од Рикер

ДУИ останува во владината коалиција, и покрај актуелните разидувања со владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа одлука на партијата ја соопшти нејзиниот Али Ахмети по средбата со американскиот амбасадор Филип Рикер.

„ДУИ не сака да отвара криза, туку се залага за дијалог. Ако излеземе од Владата - што ќе правиме, ќе стапиме во штрајк со глад или ќе протестираме пред институциите? Тоа воопшто не е успех, ниту пак е успех бојкотот на државните институции. Сите треба и можеме да придонесеме кон решавање на овие проблеми“, изјави Ахмети.

Ахмети доби поддршка за ваквиот став од Рикер.

„Сега е можноста да се изнајде волја и пат за видлива промена во динамиката . Истовремено е потребно, вие како држава заеднички да продолжите да работите на меѓуетничкиот и политичкиот дијалог, да не бидете заробени во рамките на тесни политики што се мали во однос на предизвиците со кои се соочувате“, рече американскиот амбасадор во Македонија.

ДУИ претходно го доведе во прашање понатамошното партиципирање во владината коалиција поради незадоволството што останаа нерешени нивните барања за статусот на борците на ОНА, хашките случаи и случајот Сопот. Пратениците на ДУИ во изминатиот период ги бојкотираа собраниските седници поради одлагањето да се решат овие нивни барања.

Во меѓувреме, не дојде до приближување на ставовите мегу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. На маса се три прашања и за сите три - нема решение на повидок.

Првото е за статусот на борците на ОНА. ДУИ бара преку измени на Законот за бранители и тие да добијат одредени права, но ВМРО-ДПМНЕ е категорично против. За нив, прашањето било затворено со постојните закони. За ова барање во ВМРО ДПМНЕ се против и покрај тврдењата на ДУИ дека за него постои политички договор меѓу двете партии.

„Правата на засегнатите учесници во конфликтот во 2001-ва година и на нивните семејства се регулирани и можат да се остварат во рамките на постојните закони“, изјави Илија Китановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Второто спорно прашање во коалицијата се 4-те хашки случаи. ДУИ бара преку автентично толкување во Собранието и тие да бидат опфатени со законот за амнестија. За ВМРО-ДПМНЕ, пак, тие се само судски предмети и за нивната судбина единствено може да решаваат судот и обвинителството.

Последното отворено прашање меѓу владините партнери е случајот Сопот. ДУИ смета дека власта мора да најде начин да ги ослободи затворените, за кои сомнеж дека се неправедно осудени изрази дури и Собранието. За ВМРО-ДПМНЕ, пак, токму заклучок на собраниската комисија со кој се остави можност за преиспитување на пресудата, е максимумот што политиката можела да го направи во овој случај, па сега се` е во рацете на Врховниот суд.

Овие отворени прашања задираат во квалитетот на кревките меѓуетнички односи во државата, поради што, како што укажуваат експертите, ќе мора да се унапреди политичкиот дијалог за да се овозможи приближување на ставовите на двете спротиставени страни во владината коалиција. Квалитетниот политички дијалог што ќе гарантира стабилност во меѓуетничките односи е едно од клучните барања на ЕУ и САД.

XS
SM
MD
LG