Познатиот македонскиот пијанист Симон Трпчески се наоѓа на северно-американска турнеја од почетокот на февруари. Ја започнал одисејата во Сиетл. Продолжи со својот прв рецитал во главниот град, Вашингтон, во престижниот Центар Џон Кенеди, каде се сретнавме со него, а оттука замина за Ванкувер, Канада. Настапите на овој континент ќе ги заврши во познатата симфониска сала „Волт Дизни“ Лос Анѓелес, следниот месец.
Пред вашингтонската публика во Центарот Кенеди се претстави со соната во Це-мол од Јозеф Хајдн, со дела од Шопен и од македонскиот композитор Панде Шахов.
„Најважно е човек професионално да си ја извршува својата работа. Јас тоа го правам на највисоко можно ниво. Во мојата професија нема импровизација и го правам тоа со огромна љубов. Еден комплимент што го добив во Сиетл е дека јас водам љубов со пијаното, и тоа кажува се`. Мислам дека ние уметниците сме најголеми амбасадори на своите држави“, вели маестро Симон Трпчески.
Три вечери по ред во салата Дејвис симфони, во Сан Франциско, Трпчески ќе биде солист во изведбата на Концертот за пијано и оркестар од Григ, со Симфонискиот оркестар на Сан Франциско, под диригентската палка на Василиј Петренко.
На нашата забелешка дека според познавачите - еднаш славен е засекогаш славен, пијанистот Трпчески вака реагираше:
„Кога бев многу помал дадов интервју за „Вечер“. Насловот на текстот беше „Врвот ми е цел“. Се разбира дека врвот е многу релативна работа. До одреден момент во кариерата велат – ти работиш за името, а потоа тоа работи за тебе. Но, ти треба да работиш за себе и, како што велат, за самата музика. Јас нема да дозволам славата да работи за мене. Многу е потешко да одржиш едно ниво што си го достигнал отколку да го достигнеш тоа ниво“, вели Трпчески.
На 16-ти април концертната серија продолжува со три настапи во престижната сала на Волт Дизни, во „Градот на ангелите“. Зад диригентскиот пулт на Филхармонискиот оркестар на Лос Анѓелес ќе застане Јаап Ван Сведен, а на програма е Првиот концерт за пијано и оркестар на Рахманинов.
Чудото од Македонија или виртуозот по пијано, како што го нарекуваат овдешните критичари е 35- ти пат во САД. И не запира тука. Најави дека во октомври на репортоарот во Центарот Џон Кенеди ќе има самостоен рецитал со вашингтонската симфонија. За САД вели дека се држава која знае да ги награди и поддржи квалитетните уметници и за возврат, тој лично, вели, секогаш вложува максимум енергија и посветеност.
До крајот на следниот месец следат и три концертни вечери во Хјустон, пред да замине за Европа за двата концерта со Стразбуршкиот филхармониски оркестар.