Линкови за пристапност

Напаѓачот во Висконсин - поранешен војник


40-годишниот Вејд Мајкл Пејџ имал тетоважа со бројките 9-11 - датумот на терористичките напади во САД 2001-ва.

Лицето кое уби шест верници во храм на Сиките во сојузната држава Висконсин едно време бил во американската армија, соопштија властите. 40-годишниот Вејд Мајкл Пејџ служел во Армијата околу шест години во текот на 1990-те и бил отпуштен со помалку од задоволителна оценка. Истражни лица наведуваат и дека имал бројни тетоважи на телото, меѓу кои една со бројките 9-11, датумот на терористичките напади врз САД во 2001-ва, во кои загинаа речиси 3.000 лица.

Пејџ беше убиен во престрелка со полицијата која интервенирала на повик за насилство во храмот.

Властите сметаат дека оружениот инцидент што се случи неделата во близина на Милвоки можеби бил чин на домашен тероризам, или пак злосторство од омраза. Сиките, кои носат турбани и бради, во САД напати погрешно се сметаат за муслимани и поради тоа се предмет на напади, како во случајот со припадникот на оваа верска заедница кој беше убиен во сојузната држава Аризона, само неколку дена по терористичките напади во 2001-ва.

Полицијата го истражила станот на Пејџ, барајќи назнаки за инцидентот, но се` уште го нема утврдено мотивот.

Индискиот премиер Манмохан Синг, кој е припадник на Сиките, изјави дека е шокиран и во жалост поради, како што го нарече, кукавичкиот напад.

Американскиот претседател барак Обама кажа дека е длабоко ужален поради нападот. Тој вети поддршка за истрагата и ја истакна заедницата на Сиките како дел од поширокото американско семејство.
XS
SM
MD
LG