Линкови за пристапност

Нова „бомба“ на Заев


Водачот на СДСМ овојпат ги објави снимките пред зградата на Владата. ВМРО-ДПМНЕ возврати дека тој ја манипулира јавноста

Водачот на СДСМ Зоран Заев денес презентираше нови снимки од телефонски разговори, коишто, како што тврди, откриваат дека премиерот Никола Груевски и неговите соработници навлегле во невидено беззаконие.

„Три оставки не се доволни, не се мачи и не барај нови жртви. Твојата оставка ја бара Македонија, ти си налогодавачот и ти си нарачателот на матните игри“, изјави Заев, којшто овојпат таканаречената „бомба“ ја презентираше пред зградата на Владата, во кампот каде што се одржуваат протестите и на коишто се бара оставка на премиерот.

Според Заев, во еден од разговорите се слуша како премиерот го советува довчерашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески како да ја врши функцијата, односно да не ги третира исто сите инвеститори. Во друг разговор, за којшто водачот на СДСМ вели дека е меѓу премиерот и поранешниот директор на ЕЛЕМ, се говори за зделка којашто се склучила со чешка компанија, при што се споменуваат суми на пари коишто треба да бидат исплетени на различни адреси. За третата серија на разговори, Заев кажа дека е меѓу сега веќе бившата министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и високи функционери во полицијата и дека открива како сопственик на фирмата „Тандем“ од Неготино, во чиишто цистерни биле пронајдени пет и пол тони недозволива црвена нафта, е ослободен од казни, по налог на премиерот, наводно затоа што бил близок на владејчката ВМРО-ДПМНЕ.

Одговарајќи на новинарски прашања, Заев изјави дека очекува поголем ангажман од ЕУ во решавање на кризата . Според него, кризата би требало да биде решена пред почетокот на Европскиот совет, закажан за крајот на јуни. Тој исто така смета дека премиерот во интервјуто за „Прес 24“ сам признал дека зад целата афера не стојат странски служби како што самиот тврдеше и дека е време од притвор да бидат ослободени сите обвинети за аферата „Пуч“.

Со реакција на денешната бомба на опозицијата се огласи владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи го Заев дека ја манипулира јавноста.

„Колку и да се обидувате со вашите неточни воведи да ја манипулирате јавноста и да пробувате да ја насочувате да размислува како што вие во СДСМ сакате и посакувате да ги осилувате вашите сопартијци, се` повеќе станува јасно и од вашите креирани и сечени материјали како овие денешниве дека во ВМРО-ДПМНЕ има луѓе кои работат за својата земја и за својот народ, дека се трудат согласно законите да реализираат проекти кои ќе обезбедат вработувања на луѓето и економски развој на државата, на ефикасна и правична борба против корупцијата со проверка на сите факти и аргументи и санкционирање на прекршителите на законите, дека работат за подобри услови за развој на културата, позитивни меѓучовечки односи и надминување на недоразбирањата, дека сме луѓе кои се самокритични во функција на подобрување на ефикасноста на реализација на проектите од кои корист ќе има народот“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG