Линкови за пристапност

Македонија: Критики за учебникот по физика


Македонија: Критики за учебникот по физика
Македонија: Критики за учебникот по физика

Како и во случајот со учебникот по општество за петто одделение авторите не признаат дека се работи за кардинални грешки

Институтот за физика излезе со уште поголеми критики за учебникот по физика за осмоодделение – тој е неупотреблив па дури и опасен по здравјето на децата!

„Непоправлив, неупотреблив и крајно опасен за детската мисла и за здравјето на децата, затоа што има некои сугестии да се пипка жица низ која тече струја, за да се види дека е жешка. Или да се раствори бакарсулфат, син камен, отров и ако го раствори тоа детето, може помалото братче да ја испие чашата, затоа што тоа личи на плаво сокче. Значи, крајно опасно“, изјави Мимоза Ристова, шеф на Институтот за физика.

Како и во случајот со учебникот по општество за петто одделение авторите не признаат дека се работи за кардинални грешки. За нив, учебникот по физика е коректен.

Но, се чини единствената правила одлука во целиот овој скандал е таа сите одобрени учебници да одат на целосна ревизија. Министерот за образование Никола Тодоров и натаму смета дека има одговорност за ваквите пропусти и дека неа ја презема и ќе ја коригира со тоа што ги повлекува сите учебници.

„Целиот овој систем во кој што имало сериозно значење имал субјективниот фактор мора да претрпи сериозни измени кој што ќе овозможат квалитативно подобрување на состојбите во учебникарството, а со тоа и зголемување на квалитетот на образовниот систем“,вели Тодоров.

Само што за ревизија, на стручните тимови составени од членови од Националната комисија за учебници, од Бирото за развој на образованието, Педагошката служба во министерството и Педагошките факултети од Скопје, Битола и Штип ќе им бидат потребни најмалку 30 дена, што значи дека учебната година ќе биде почната, а учениците пред себе ќе ги имаат спорните учебници. Според објаснувањето од Министерството, како што ќе се утврдуваат грешките, така тие ќе бидат препечатувани и доставувани до учениците.

Овој скандал отвори уште поголем пропуст во македонскиот образовен систем. Кој се` може да биде автор и рецензент на учебник, од кој децата ги добиваат основните познавања? Министерството за да ја поправи грешката ќе го менува и законот за учебникарство. Ќе се воведува и долна граница на искуство која што авторот и рецензентот ќе мора да ја имаат за да се потпишат на учебник. Предлогот е авторот да има најмалку 10 години да го предава предметот, и најмалку 10 годишно искуство како професор на високообразовна институција за да го аминува. Конечниот збор дали некој учебник е добар ќе го дава Национална комисија за учебници. За да не се случи, наставник со само тримесечен стаж да се потпише зад учебник кој ќе стане познат само по тоа што ќе биде предмет за потсмев во јавноста.

XS
SM
MD
LG