Кога би можеле да правите се` што ќе посакате, што би направиле? Ова провокативно прашање го зачнува авангардниот кусометражен филм на македонската режисерка Сандра Даниловиќ, прикажан викендов на Македонскиот филмски фестивал во Торонто.
Режисерка, продуцентка и професорка на колеџ, а и иден докторант по информатика на Универзитетот во Торонто - амбициозната Сандра Даниловиќ веќе 26 години живее во канадската метропола.
Документарецот „Втор живот“ го истражува виртуелниот свет во видео-игрите.
„Решив целиот да го сликам во Секонд лајф. Toa e една виртуелна игра, он-лајн, во која може да се влезе и да се конструира еден аватар. Идејата ми беше да направам филм во виртуелниот свет“, вели младата режисерка.
Ние веќе живееме во еден виртуелен свет, резигнирана е Даниловиќ:
„Со тоа што комуницираме, со телефони, со мобилни, на Фејсбук, Твитер, преку и-мејл – тоа чини еден голем дел од нашиот живот. Тоа е еден вид на виртуелна живеачка. Игрите се само продолжување на виртуелниот свет во кој веќе се наоѓаме“.
Дека виртуелната реалност го освојува секојдневнието е непобитен факт, но за Даниловиќ е побитно прашањето како таа може да им помогне на луѓето во вистинскиот живот, особено на маргинализираните, отфрлените, неразбраните од општеството.
Филмот го снимала една година. „Вториот живот“ е прикажуван на фестивали во Сан Франциско, каде е награден е за најдобар документарен филм во категоријата „Нови медиуми“.