Линкови за пристапност

Ромни жестоко ја нападна политиката на Обама за Блискиот исток


Како голем пропуст Ромни го посочи „потфрлањето на претседателот да практикува американско глобално лидерство“.

Републиканскиот кандидат за претседател Мит Ромни го нападна претседателот Барак Обама дека не успеал да демонстрира глобално лидерство, за кое вели дека го зајакнал ризикот од конфликт, особено на Блискиот исток.

Во 30-минутното обраќање на Воениот институт во Лексингтон, сојузната држава Вирџинија, републиканскиот претседателски кандидат го обвини Обама за заладување на односите меѓу САД и Израел. Тоа, според него, ја уназадило надежта за мир на Блискиот исток и ги охрабрило заедничките непријатели, особено Иран.

Тој додаде дека, доколку биде избран „ќе му стави јасно до знаење на раководството на Иран дека САД заедно со пријателите и сојузниците, ќе го спречат да дојде до нуклеарно оружје“.

Ромни додаде дека нема да се двоуми да воведе нови санкции врз Иран и дека ќе го врати постојаното присуство на носачи на авиони во источниот Медитеран и Персискиот залив.

Во говори за надворешната политика, претседателот Барак Обама го потенцира својот придонес во војната против тероризмот и убиството на лидерот на Ал-Каида Осама бин Ладен. Обама често ја нагласува и одлуката да стави крај на војните во Ирак и во Авганистан.

Од своја страна, Ромни го критикуваше за, како што рече, „избрзаното повлекување на американските борбени сили од Ирак, каде, „придобивките на теренот од американската армија се неутрализирани со растечко насилство на обновената ал-Каида, слабеењето на демократските процеси и растечкото иранско мешање во внатрешните работи на Ирак“.

Тој исто така ја оцени одлуката на актуелната администрација во Вашингтон за повлекување од Авганистан до крајот на 2012-та како „политички темпирано повлекување“, но не даде индикации дека ќе ја промени таа временска рамка, доколку стане претседател на САД.
XS
SM
MD
LG