Линкови за пристапност

12 милиони во светот – без држава


Експерите велат дека бегалците без државјанство не се проблем само во САД, туку и во десетина земји со бројно население во Африка и во Азија

Во недела е Светски ден на бегалците. Фокусот на годинешново одбележување на денот е на „луѓето без држава“ - оние кои од разни причини немаат државјанство.

Тоа се луѓе без пасош, без сопственост, без право на глас. Неодамна за нив се говореше на распит во Конгресот.

„Проценката е дека околу 12 милиони во светот немаат никакво државјанство. Тоа е егзистенцијална катастрофа“, вели Дан Гликман, претседател на организацијата Рефјуџис интернешенал.

Сенаторите расправаат за ситуацијата на 4.000 луѓе без државјанство кои илегално живеат во САД. Новиот закон - Акт за заштита на бегалците од 2010-та ќе им овозможи да се пријават за постојан легален престој во САД по брза постапка.

Татјана Лесникова живее илегално во САД веќе 18 години. Родена во Сибир, се преселила во Украина, пред да дојде во САД. Кога се распаднал Советскиот Сојуз, таа останала без државјанство. Говори како чувството да се живее без државјанство.

„Тоа значи дека си никој! Без никакви права“, се жали Татјана.

Има два сина. Едниот е со неа, а се надева другиот да го донесе во САД.

„Ако не добијам државјанство, тоа значи дека никогаш не ќе можам, да го видам синот“, раскажува Татјана.

Експерите велат дека бегалците без државјанство не се проблем само во САД, туку и во десетина земји со бројно население во Африка и во Азија. Во време кога се создаваат или распаѓаат земји, голем број на луѓе се оставени сами на себе.

Да се биде без државјанство, за Татјана Лесникова значи дека може – како што и` се случило досега – да биде затворена, без предупредување. Таа е медицинска сестра, но мора постојано да ја обновува работната дозвола, поради што отсуствува од работа и ризикува да ја загуби. Сепак, сака да стане Американка.

„Мислам дека само во оваа земја ќе може да застанеме на свои нозе, без каква и да е помош“ вели Татјана.

XS
SM
MD
LG