По вчерашната прес-конференција на водачот на СДСМ Зоран Заев, на којашто опозиционерите ја обвинија власта дека врши масовно нелегално прислушкување на граѓаните, уследија редица реакции.
Руфи Османи, поранешен водач на етнички албанската политичка партија НДП, изјави дека ја потврдува автентичноста на неговиот разговор којшто беше презентиран вчера во јавноста од страна на СДСМ. На прес-конференцијата беше презентирана и снимка од разговор на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Од оваа партија немаа коментар за автентичноста на разговорот и само ги повикаа институциите да ги преземаат потребните дејствија согласно законските овластувања.
Од Владата немаше реакција, освен што владиниот портпарол Александар Георгиевски на барање на редакцијата на НОВА изјави дека ставот на Владата за оваа тема е изнесен преку дејствието на Министерството за внатрешни работи (МВР) со отпочнување на постапката во однос на случајот „Пуч“, како и преку обраќањето на премиерот Никола Груевски на 31-ви јануари кога го обвини Зоран Заев за обид за државен преврат.
Реакција немаа ниту во МВР. Од таму само рекоа дека продолжува операцијата „Пуч“ во којашто досега се приведени пет лица обвинети за шпионажа и уценување на институции.
Јавниот обвинител Марко Зврлевски изјави дека до Основното јавно обвинителство не била доставена кривична пријава од СДСМ за случајот со прислушкувањето. Зврлевски наведува и дека кога ќе ја примеле кривичната пријава, тогаш ќе постапеле по случајот.
Народниот правобранител Иџет Мемети смета дека во Македонија со овој случај сериозно е доведено под знак прашање правото на приватност и правна сигурност на граѓаните.
„Поради информациите дека се прислушкувани голем број на граѓани на Република Македонија и во однос на тоа што беше јавно покажано, искажувам длабока загриженост и го осудувам ова грубо прекршување на човековите слободи и права, без оглед дали се работи за јавни личности или други лица. Оваа појава е застрашувачка и штети и на прислушкуваните и на сите други граѓани во Република Македонија, а и на самото општество“, изјави правобранителот.
Мемети апелираше до сите вклучени да покажат сериозен однос за ситуацијата: „Ги осудувам овие појави кои се грубо прекршување на човековите слободи и права и апелирам до сите нас, до сите, и инволвирани, и институции, со оваа пресериозна работа да не си играат“.
СДСМ најави дека во теот на оваа недела ќе истапи со нова прес-конфереција на којашто ќе објави нови сознанија за случајот.